Aвтор во фокус 2026
Дејан Дуковски (1969) е еден од највлијателните и најизведувани македонски драмски автори, чие творештво го обележува преминот од југословенскиот кон современиот македонски театар. Неговото име е синоним за постмодерната драма во Македонија, а неговите текстови се препознаени како дел од поширокиот европски тренд на „нова драма“ или „in-yer-face theatre“. Со повеќе од сто и педесет евидентирани премиерни изведби на своите драми на сцените низ светот, Дуковски е најизведуваниот македонски автор надвор од Македонија. Освен драмски текстови, Дуковски е автор и на сценарија и драматург.
Дипломирал драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1990 година, во класата на Горан Стефановски. Во раните 90-ти работи како драматург во Македонската радио-телевизија, од 1993 година е дел од наставниот кадар на Факултетот за драмски уметности – Скопје, како асистент по предметот Филмско и телевизиско сценарио, а од 1996 година е доцент на Катедрата за драматургија на истиот факултет. Од 2015 година е драматург во Македонскиот народен театар. Престојувал на резиденција како писател во Дојче шаушпилхаус во Хамбург, Германија.
Неговото творештво се развива во период на политички и културни потреси: распадот на Југославија, транзицијата кон независна држава и потребата за нови уметнички јазици што ќе го изразат искуството во времето на постсоцијализмот. Во тој контекст, Дуковски се појавува кон крајот на 80-тите со драми како Балканска гротеска (1988), Последниот балкански вампир (1989), а веднаш потоа и со Силјан Штркот шанца (1991), кои го најавуваат неговиот специфичен авторски ракопис: ироничен, фрагментиран, со ликови на работ на општеството.
Во 1992 ја пишува Балканот не е мртов, драма која станува симбол на новата македонска постмодерна драма, поставувана во повеќе земји во Европа. Неговиот најпоставуван текст е Буре барут (1994) кој, покрај праизведбата во МНТ (1994), изведен е и на повеќе од педесет сцени и преведен на многу јазици во Европа и светот. Буре барут доживува премиера неколку месеци пред Разнесени на Сара Кејн и често се наведува како претходник на „in-yer-face“ драмата. Филмската адаптација на текстот, во режија на Горан Паскаљевиќ, добива меѓународни награди, меѓу кои ФИПРЕСЦИ награда за најдобар филм (Венеција, 1998), Гран при на фестивалите во Анталија, Хаифа и Скопје, и награда од Европската асоцијација на критичари (Лондон, 1998).
Неговите текстови се карактеризираат со фрагментарна структура, директен јазик, ликови во апсурдни ситуации и тематизација на Балканот. Користи постмодернистички пристап и рециклира познати македонски драмски наративи. Таков е случајот во Балканот не е мртов, каде што ја реинтерпретира Македонска крвава свадба на Војдан Чернодрински, и во Силјан Штркот шанца, каде што основниот мотив е приказната на Марко Цепенков.
Награден е и на БИТЕФ – Белград (1997) за Маме му ебам кој прв почна, добитник е на наградата „Војдан Чернодрински“ (1993, 1995), како и на „Бронзена камера 300“ на ИФФ „Браќа Манаки“ (1998).
Дуковски е автор чиј театарски јазик ги надминува локалните рамки и се вмрежува во пошироката европска драмска сцена. Неговите дела се преведени на осумнаесет јазици и поставувани на повеќе од сто и педесет сцени низ светот. Со своето творештво тој придонесува за редефинирање на македонскиот театар по осамостојувањето и за неговото меѓународно позиционирање.
Драмски текстови:
- Дух кој оди (2014)
- Изгубени Германци (2011)
- Утерус (2009)
- Мухарем не е мртов (1989)
- Празен град (2007)
- Галилео Галилеј (2006)
- Гласот на Хомер (2005)
- Другата страна (2004)
- Дракула (2002)
- Маме му ебам кој прв почна (1996)
- Буре барут (1994)
- Балканот не е мртов (1992)
- Џинот и седумте џуџиња (1991)
- Силјан штркот шанца (1991)
- Последниот балкански вампир (1989)
- Балканска 3а/II (1988)
Филмски сценарија:
- Една ноќ во Лајка (краткометражен документарен филм) (2017)
- Балканот не е мртов (2013)
- Како во лош сон (базиран на текстот Маме му ебам кој прв почна) (2003)
- Ѕвонење во глава (2002)
- Буре барут (американски наслов „Кабаре Балкан“) (1995) копродукција на продуцентските куќи од Македонија, Франција, Германија, Турција, Југославија и Грција
- Балкан блуз (краткометражен игран филм) (1998)
- Светло сиво (омнибус) (1993)
