Театар: радоста на играта и пркосот на креацијата

Образложение на Уметничкиот директор за селекцијата

Како Уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, ги изгледав сите претстави од македонските институционални и вонинституционални театарски продукции  во периодот од мојот избор на 22 септември 2022 год. до 10 мај 2023 год. Станува збор за одгледани 52 претстави низ целата земја. Главната платформа на Фестивалот ја насловив „Враќање дома“ и фестивалската презентација ја конципирав во четири различни програми: Официјална селекција, ОФФактива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма.

Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува театарот денес кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување на домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за овогодишното издание на Фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар.

Откако ги изгледав сите театарски претстави, концептот се наметна како доминантен и може да биде насловен како Театар: радоста на играта или пркосот на креацијата“. Секоја од избраните претстави ја покажува една од страните на театарот, поточно, различните начини на создавањето театар. Во суштина, она што доминира во овој мој избор е креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, таканаречените класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуализирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже.

Актерската игра во суштина е основната за едно театарско дело. Затоа сметав дека како Уметнички директор најрелевантно е да се изберат/селектираат претставите што ќе ја покажат актерската игра во нејзината елементарна и современа експресија. Во денешниот театар кој кореспондира со сите можности на техниката и технологијата, како да забораваме дека во суштина актерот на сцена и гледачот во публика се главните создавачи на театарското уметничко дело. Но, оваа селекција не го истакнува актерот, на штета на другите уметници и креатори на театарскиот чин. Напротив, оваа селекција покажува како изгледа современиот македонски театар, кои му се предностите, како треба да се поттикнува креативниот потенцијал на сите театарски мајстори и што треба да направи да биде актуелен, привлечен за гледање и истовремено да го коментира контекстот во кој се создава. Глобалната слика на денешната театарска практика покажува дека не постои сериозна репертоарна политика, ниту концепт во кој се развива една театарска институција. Сметам дека главните создавачи на македонската театарска практика треба повеќе да се фокусираат на домашните драми, на актуелната театарска естетика и пред сѐ, секој режисер и директор на театар да го има предвид ансамблот со кој ја создава претставата. Од избраните претстави евидентно е дека недостига претстава работена според драма на македонски автор. За жал, тековната продукција понуди малку претстави од македонска драма, но затоа како Уметнички директор го иницирав откупот на драми од македонски автори и повикот за претстави од независната продукција што игра македонски автори.

Од изгледаните 52 театарски претстави од театрите во Р Македонија, во официјалната селекција се избрани претставите:

„Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, продукција: Драмски театар – Скопје, премиера: 29.12.2021 година

Сајмон Стивенс прави драматизација на лектирниот роман со истоимен наслов од Марк Хадон во 2003 година и претставата станува хит на театарските сцени низ Велика Британија, а потоа и пошироко. Иако станува збор за претстава работена според франшиза, режисерката Зоја Бузалковска заедно со ансамблот на Драмскиот театар – Скопје, создава претстава која по многу нешта отскокнува од актуелниот репертоар на театарот. Пркосот на креацијата во оваа претстава произлегува од начинот на кој се справува и режисерката и актерите со наметнатите правила, а истовремено отвора простор за слободна креација. Актерите во претставата играат мошне инвентивно и истовремено го покажуваат уживањето во играта. Нивниот однос кон сцената е активен и директно вклучен, не само во насока на базичната интерпретација на драмскиот материјал, туку создаваат креации кои во основа ја етаблираат актерската изведба. Сметам дека ова е актерска претстава во која ансамблот покажува како е да се игра во насока на креирање на играта на главниот актер.

„Бесачи“ од Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев, продукција: Македонски народен театар – Скопје, премиерна обнова: 21.2.2023 година

Претставата премиерно беше поставена во 2019 година и следната година поради пандемијата, Фестивалот не се одржа, но и претставата остана со само неколку изведби. Оваа година премиерно е обновена и внесени се тројца нови актери. „Бесачи“ на Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев, покажува како треба да изгледа сериозна претстава на репертоарот на Македонскиот народен театар. Строгиот режисерски ракурс, препознатлив во прецизната слика градена во корелација со целиот креативен и технички тим, на Јавор Грдев, со ансамблот на Македонскиот народен театар креираат претстава која е актуелна (колку да е надвор од контекстот) и која е театар во неговата модернистичка форма. Актерите во претставата играат посветено, прецизно создавајќи интимни партитури во корелација со играта на секој од партнерите на сцена и истовремено заеднички креирајќи симбиоза на актерско мајсторство и одличен режисерски наратив. Сметам дека оваа претстава покажува како треба да изгледаат претставите на централната театарска институција кај нас, во која секој актер придонесува претставата да ја прикаже и радоста на играта и активната креација.

„Инферно“ според Данте Алигиери, во режија на Дејан Пројковски, продукција: НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес, премиера: 29.10.2022 година

Можностите на сценската техника и технологија во корелација со еден од најпознатите книжевни епови „Пеколот“ на Данте е почетната точка од која тргнува оваа претстава. Главниот адут на режисерот е сценската поставеност и покажувањето на тоа како може најдобро да се искористат потенцијалите на една од најмодерните театарски сцени кај нас. Драматизацијата на Сашо Димоски низ призмата на сликовитата режија на Дејан Пројковски во центарот ги позиционираат Данте и Вергилиј во симбиотска релација со најдоминантниот елемент на оваа претстава – музиката (во живо ја изведува Сашко Костов). Илустрирајќи ја драматургијата на вечните кругови, музичката предлошка изведувана во живо е еден од главните протагонисти на претставата. Креацијата е резултат на филмското отсликување на визуелното и аудитивното. Оваа претстава во концептот се поврзува преку радоста на креацијата во која сите доминантни чинители создаваат слики кои се визуелно моќни. Следејќи ја сопствената режисерска естетика, Пројковски создава претстава која е во суштина приказ на можностите на Велешкиот театар. 

„Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски, продукција: Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, премиера: 16.11.2022 година

Создадена само од примарната актерска потреба да игра, водена според средновековните мистерии театарски актуализирани од еминентниот италијански драмски автор, нобеловецот Дарио Фо, оваа претстава покажува колку е важно режисерот да им ја даде слободата на актерите да си играат. Сериозна и комична, сакрална и профана, а пред сѐ, претстава која покажува дека основата на секое театарско дело е актерот и дека најискрената актерска креација е онаа на патувачките актери. Режисерскиот ракопис на Цветановски им помага на актерите, ги чува како од сенка, а истовремено ги ослободува. Актерите од прилепскиот театар покажуваат како се игра, на кој начин актерот ја освојува сцената и откако ќе ја освои ѝ ја предава на публиката. Ова е претстава која во суштина ја покажува базичната и онтолошка врска меѓу гледачот и актерот, меѓу оној што создава и оној што го препознава создаденото. Сметам дека оваа претстава отскокнува од претставите на театарот и по тоа што не е претенциозна и не се води од позицијата дека треба нешто да ни покаже или докаже.

„Мy name is Medea“ според Еврипид, драматизација на Милан Рамшак Марковиќ, во режија на Себастијан Хорват, продукција: Народен театар – Битола, премиера: 27.9.2022 година

На кој начин се актуализира една од доминантните антички парадигми – тематиката на заминувањето, миграцијата и ненаоѓањето на домот како константа на која се темели човековата егзистенција покажува режисерот Себастијан Хорват заедно со комплетниот ансамбл на Народниот театар од Битола. Благодарение на актерската изведба, посебно на тоа дека е актерот буквално оставен да се вмрежува во драматуршките актуализации на современата миграција, поставувајќи ги ликовите на мостот меѓу непознатите јазици и личните неуспеси, оваа претстава покажува како на театарската сцена е доволно да има добар актер што знае да игра и дека одеднаш светот ќе ги добие своите контури благодарение на актерската игра. Мачната и тешка тематика, оригиналниот контекст на поместувањето во директна корелација со мотивот на денешното барање на подобар свет за живеење надвор од границите на сопствената земја, на актерите не им ја одземаат играта, напротив, од нив мотивираат актери што покажуваат што и како умеат во современиот обезличен свет. Сметам дека оваа претстава покажува како се игра театар, колку празниот простор, што би рекол Брук, му помага на актерот да ги покаже сите свои способности, а истовремено да покаже на кој начин се создава една современа театарска претстава. Театарот треба да нѐ научи да си замислиме и да се замислиме, а тоа го прави оваа претстава.

„Три сестри“ од Антон П.Чехов, во режија на Кендрим Ријани, продукција: Албански театар – Скопје, премиера: 27.10.2022 година

„Три сестри“ е претстава на главните актерки и претстава во која оригиналниот режисерски ракопис се детерминира во современата актуализација на водечкиот мотив на денес култната драма на Чехов. Чехов е еден од најизведуваните автори и во светот и кај нас. И македонскиот театар воопшто, како да не може да не го поставува Чехов. Затоа е повеќе од предизвик или пркос, во денешни услови да се поставува една од неговите најпознати драми. Режисерот Ријани со ансамблот на Албанскиот театар покажува како може ова дело да се постави во современ контекст и во суштина да ја покаже и радоста на актерската игра и сплотувањето на целиот ансамбл во едно. Низ поставените загатки како координатни точки на главната фабула на драмата и кобното „Во Москва, во Москва, во Москва“, актерите креираат претстава која радоста на играта ја втемелува во креацијата. Актуализиран во современ контекст, драмскиот текст се трансформира во сериозна претстава која има цел на гледачот да му понуди и уживање во гледањето и коментар на гледаното. Претставата го поместува и гледачот, не само актерите и на тој начин изместувајќи го од театарскиот простор му дава можност да го гледа светот низ призмата на основното актерско мајсторство.

„Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристовска, продукција: Народен театар – Охрид, премиера: 10.4.2023 година

Режисерката Софија Ристевска со шесте актери од театарот во Охрид создава претстава која покажува како се игра драма од еден жанр што му припаѓа на минатото во современ контекст. Класичната битова драма на бугарскиот автор Добри Војников низ призмата на Ристевска станува гротескна, поместена, ангажирана претстава во која наспроти едноставната матрица на мелодрамската фабула се поместува во детерминирање и на општествениот и на политичкиот контекст. Машките актери ги играат сите ликови и машки и женски исто онака како што било практика во театарската историја (но, во овој случај покажува како подготвен режисер знае да го искористи ансамблот во одлична смисла) притоа не криејќи ги своите карактеристики, туку создавајќи една иронична слика на едно општество (семејство) во замирање на границите меѓу сопствената традиционалност и европската модерност. Сметам дека оваа претстава конкретно покажува колку е важно и актерите и екипата да уживаат и во процесот и во претставата и таа игра да се рефлектира и на гледачите.

„Роња, ќерката на ограбувачот“ од Астрид Линдгрен, во режија на Јакуб Максимов, продукција: Театар за деца и младинци – Скопје, премиера: 23.12.2022 година

Независно што целна група е детската публика, претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ е комплексна претстава во која радоста на актерската игра и нивната моќ за креација во симбиозата човек – кукла е повеќе од очигледна. Претставата во суштина ја покажува креативната сила на трансформацијата на актерската игра, притоа имајќи го предвид и односот кон публиката (можноста да се разбере моралната вертикала од најмали нозе) и односот меѓу актерите (можноста да се ужива во презентирањето на градењето на приказната меѓу куклата и актерот). Оваа двојна трансформација ја има целта да ја прикаже театарската креативност во светот на куклите. Од сѐ може да се направи кукла и со помош на основни алатки може да се раскаже приказна. Доминантната драматолошка линија на претставата не се потпира само на едукативната страна, туку повеќе на креативната и создава посебно чувство на припаѓање кај секој во публиката.

Женска гардероба“ од Арношт Голдфлам, во режија на Наташа Поплавска, продукција: Театар Комедија – Скопје, премиера: 26.10.2022 година

Специфичниот чешки хумор препознатлив од нивната филмска продукција, може да се дефинира како водечки мотив во драмата „Женска гардероба“ од Арношт Голдфлам, што на сцената на Театар „Комедија“ ја постави Наташа Поплавска. Од другата страна на завесата, слично како Алиса во земјата на чудата, како од другата страна на огледалото, овој современ чешки драмски автор, режисер, сценарист и актер, создава автентичен свет сместен во гардеробата на четири актерки пред, за време и по претставата, поточно во целиот процес што ние како публика не го гледаме. Актерската изведба во оваа претстава е предизвикана директно од радоста на играта, од соработката со режисерката и од нивната креативна моќ да нѐ соочат со добрата и онаа не толку добра страна во светот што гледачите не го гледаат. Претставата, за разлика од другите претстави на најактивниот театарски ансамбл кај нас, покажува слика на театар во мало, на театар како микросвет и истовремено му овозможува на гледачот да ужива и да го гледа конкретното претворање на актерот во лик и на ликот во актер. Сметам дека оваа претстава се издвојува од богатиот репертоар на Театар „Комедија“ токму во оригиналната соработка меѓу режисерката и актерите и нејзината моќ да го игра животот на театарот како игра на животот.

ОФФ активата за оваа година е претставена во два блока, едниот е институционален, фокусиран на некои од претставите кои излегуваат од вообичаените изведби на театрите и дипломските претстави на студентите што влегуваат во светот на театарот, а другиот е поврзан со работата на независната продукција, чиј избор е направен врз основа на јавен повик, со цел да се промовира активноста на независната продукција што игра македонски автори.

ВоОФФактива, се избрани претставите:

„Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу, продукција: Турски театар – Скопје, премиерна обнова: 15.2.2023година

Една од најиграните драми на Мартин Мекдона е „Човек перница“, брутална по својот израз, отворено наклонета кон соголеното насилство, во форматот на претставите од таканаречениот „in yer face“ театар, повторно на нашите сцени е поставена во Турскиот театар, во режија на Сибел Абдиу. Младите актери од ансамблот на театарот покажуваат како се игра кога предизвикот е во личниот однос кон текстот и контекстот во кој ја создаваат претставата. Исклучително моќна во приказот, оваа претстава одговара на концептот на „ОФФ“ aктивата. Не само како „надвор од“ туку и како одек на тековните општествени и политички состојби.

„Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело, адаптација и режија: Бојан Трифуновски, продукција: Народен театар „Антон Панов“ – Струмица, премиера: 20.10.2022 година

Пирандело е секогаш одличен избор во процесот на создавање претстава која треба да покаже како се игра и како се однесува денешниот театар во корелација со некои од координатите на театарската практика од минатото. Режисерот Бојан Трифуновски својот концепт го темели на развивање на идејата на главните наративни линии во драмите на Пирандело, истовремено создавајќи простор за вкрстување на фиктивното и реалното. Иако ансамблот на струмичкиот театар на почеток влегува малку несмасно во прикажувањето, нивната игра создава претстава која ги поместува стандардните практики и си игра со луцидниот стилски израз на Пирандело, па го коментира и својот и неговиот однос кон светот.

Претстава од ФДУ

Од Независна продукција што игра македонски автори, се избрани претставите:

„Елегија во пет здива“ автор и режисер: Филип Петковски, независна продукција во копродукција со НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот, премиера: 13.6.2022 година

Етерична и лирична, стилско визуелно креирана во минимализмот на некои базични танцови дискурси, оваа претстава го покажува начинот на третирањето на стихот во комбинација со телесното. Филип Петковски создава претстава која може да се дефинира како танц театар, но е повеќе од тоа. Работена според стиховите на Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Никола Маџиров и Ацо Шопов, со исклучителната танцова естетика на избраната актерска екипа, претставата кореографски и режисерски создава мрежа на суптилни, емотивни состојби кои на гледачот му ја покажуваат интимната страна на театарот. Една ретка можност, публиката да види и да почувствува стилизирана естетика во перформативен контекст.

„Заминувања“ – колективно авторство, во режија на Драгана Гунин, независна продукција во соработка со Мировна акција, премиера: 29.12.2022 година

Четири актерки, два јазици, иста болка е можеби наједноставното објаснување на оваа претстава. Сместена во еден меѓупростор меѓу минатото и сегашноста, „распната“ меѓу личното и туѓото, претставата комуницира со публиката на неколку нивоа. Режисерката поставува еден спектар на емоции во изведбата, инспирирана од документарните истражувачки процеси на „Мировна акција“. Заминувањето или откорнувањето од домот за време на војна е едно од најтрауматичните искуства, но во оваа претстава тоа е драматуршки поставено во своевидна рамнотежа преку сведоштвата кои се непосредни и живи, смешни и тажни, цинични и сериозни и имаат моќна порака.

„Срам“ автор и изведувач Ангела Стојановска, креативни соработници Милош Б.Андоновски (режисер) и Ева Камчевска (драматург), продукција на „Тииит! Инк“, премиера: 3.12.2021 година.

Претставата е направена во рамки на Платформата за изведувачки уметности „Испробување на феминистички иднини“, дел од Фестивалот „Прво па женско“. Актерката од своите лични приказни поврзани со простувањето со срамот создава можна монодрама која предизвикува и истовремено ве тера и да се смеете и да плачете и најмногу од сѐ да уживате во моќта на актерската изведба. Ангела Стојановска е редок актер, доминантна во својот израз, со креативен раскош каков што ретко се сретнува кај нас. Посебно е важно што оваа претстава му покажува на гледачот како од една лична траума, театарот создава посебно парче уметност.

„Скопјани“ според раскази на Оливера Ќорверзироска и колективно авторство на актерската екипа, во режија на Милош Б.Андоновски, премиера: 13.11.2022 година

Креативниот тим на оваа претстава покажува како се игра со една поставена предрасуда поврзана со жителите од главниот град и оние од „провинција“. Расказите на Ќорверзироска се искористени како иницијален мотив, но претставата е многу „поширока“ зашто е надградена и тоа помоќно со личните искуства на секој од актерите. Поставени на една именденска софра меѓусебно ја играат и публиката и своите наративи, создавајќи една спрега на активна партиципација која истовремено ве смее, ве тера да се замислите и навидум комплетно невино, а сепак директно, ве тера да уживате и во процесот на гледање и во процесот на примање на расфрланите парчиња интима околу вас. Младата актерска екипа ја покажува радоста на играта и моќта на актерската трансформација.

„Глум(и)ци“ колективно авторство и режија, продукција: „Артопија“, премиера: 26.12.2021 година

Претставата е конструирана како интерактивна претстава во која секој(а) од актер(к)ите дава приказ на својата актерска професија, истовремено, вовлекувајќи ја публиката во секој од сопствените актерски фрагменти, комплетно посветени да ни ги прикажат сите страни на актерската уметност и оние блескавите (како светликавите фустани и конфетите на крајот) и оние суровите (како потресните навидум комични интервенции на тема каква треба да биде една актерка) и оние видливите (како сите предрасуди за актерките како жени) и оние невидливите (како сите оставени траги/лузни/стигми на нивните тела затскриени со шминка). Едноставно, ако не сте спремни да им погледнете и на театарот и на најтешката театарска професија и уметност директно во очи, тогаш не ја гледајте оваа претстава.

„Под.готвено“ според поезија и проза на Ѓоко Здравески, раскази на Елизабета Баковска, поезија на Блаже Конески и адаптација на сцена од „Трите високи жени“ од Едвард Олби, во режија на Дејан Спасовиќ, продукција: „РКЦ РАКАТРАК“, премиера: 16.11.2021 година

Како се создава приказната? На кој начин се плетат деталите? Како актерот станува лик? Што сѐ знае да направи еден актер? На овие и на повеќе други прашања оваа претстава ги дава одговорите. Оригинална во замислата, поставувајќи еден женски лик во три различни возрасти (може да се рече и четири), додека се подготвува или готви јадење кое го јаде публиката и така едноставно станува дел од изведбата. Оваа претстава го покажува театарот во неговата етнолошка, дури и онтолошка примарна верзија, онаа каде што раскажувачот актер е дел од софрата на која приказната што ја раскажува и ја збогатува со примамливата храна, докажувајќи дека театарот е место на кое се создаваме и како луѓе и како гледачи.

Are you crazy? (Улаф сте?)“ автор и режисер: Јован Ристовски, продукција: АТО̶ Центар за современа уметност и култура – Битола, премиера: 13.6.2023 година

Оваа претстава доаѓа на Фестивалов како презентација на активностите на AТО ̶ Центарот за современа уметност. Режисерот Јован Ристовски и креативниот тим на Центарот го истражуваат театарот во различни контексти, овозможувајќи го да стане достапен и за оние кои не можат да го восприемаат на вообичаениот начин. Идејата на оваа театарска претстава е да им овозможи на глувите лица да го доживеат сензационалното чувство на театарската уметност за првпат во животот, претставено на знаковен јазик. И исто така пошироката јавност и публиката да се запознаат со светот на тишината, да стекнат базично знаење за основата на знаковниот јазик и секојдневните проблеми на оваа ранлива група.

Сакајќи да ја покаже и другата страна на театарот, како и да ги вклучи во создавањето на театарската уметност сите што не се во можност тоа да го направат, оваа претстава гостува на Фестивалот како наша поддршка и поттик за откривање на креативноста во сите форми и ситуации. 

Проф.д-р Ана Стојаноска, Уметнички директор и
Претседател на Собранието на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Слични Објави