„Посебна е наградата од фестивалот со долг век“ – Интервју со Бајруш Мјаку
Б: Најнапред, честитки за високото признание. Во мноштвото награди што ги имате добиено се вклучува и најновата од фестивалот „Чернодрински“. Кои беа вашите првични импресии?
Б.М: Да ви кажам, бев во Берлин, на „Берлинале“ и ми се јави уметничкиот директор Катерина Коцевска. Си мислам, ме бара да се видиме и да поразговараме и ни на крај памет не ми беше дека ми се јавува да ми соопшти вакво нешто. Ја известив со порака дека сум надвор од државата и пишав да се слушнеме. Кога се слушнавме, ми кажа дека заедно со Владимир Милчин сме предложени. И затоа, наградата ми е уште подрага. Подрага, дека ја добиваме заедно, оти сме ја почнале и кариерата заедно. Сите мои професионални претстави одиграни на фестивалот „Војдан Чернодрински“ што сѐ вистински претстави, претстави кои биле квалитетни и со уметничка тежина, сите тие се работени со режисерот Владимир Милчин. Дури и првата професионална награда што ја добив на МТФ, во 1984 или 1985 година, во „Дожд во Вертомонто“ беше негова режија и токму затоа, многу ми е драга оваа награда.
Б: Во услови на потврдена, апсолутна театарска зрелост, чии почетоци датираат од 1973 година, каде го сместувате или, како го оценувате ова врвно признание – Наградата за животно дело?
Б.М: Секоја награда си има своја тежина. Меѓутоа, кога сме кај оваа награда, има посебна тежина, бидејќи доаѓа од колегите, од театарските луѓе и доаѓа од еден фестивал кој има свој долг век. Јас сум само десет години постар од фестивалот и може да речам дека ми е многу драга оваа награда и дури ми е подрага од оние што сум ги добил од одредени стручни комиси во кои одлучуваат неколкумина. Затоа, ова е нешто друго и им благодарам за тоа.
Б: Оваа ваша оцена говори во прилог на значењето и важноста на признанијата што доаѓаат од фелата. Дали тоа можеби ѝ дава една дополнителна, додадена вредност на наградата за животно дело?
Б.М: Тоа е точно. Наградата доаѓа од фелата. Јас имам добиено и меѓународни награди во Албанија, Бугарија, Косово, Кишињев – Молдавија, во Киев -Украина, каде добив прва награда за најдобар актер, како и други признанија, но оваа, ми е нешто посебно и може да кажам дека е едно заокружување на кариерата и ако, ќе продолжам, се дур имам здив и стојам на нозе.
Б: Вие сте актер кој, освен на мајчиниот албански јазик, игра и на повеќе други јазици. Вашиот театарски живопис е богат, искуството огромно. Ким Мехмети коментира за Вас дека: „Посебното на актерското царство и во биографијата на Бајруш Мјаку е дека тој нема улоги кои можеш да ги издвоиш и да ги наречеш негово врвно остварување„. Може ли за публиката на фестивалот да издвоите нешто, нешто што Вам ви е посебно важно?
Б.М.: Во мојата последна автобиографска книга што ја пишував и веќе е издадена, имам една статија во која зборувам за актерот и велам дека актерот кој ја нема дарбата за трансформацијата, тој актер, има краток живот на сцена. Јас сигурен сум дека таа дарба сум ја имал од време, од господ, се разбира, оти во многуте големи карактери и улоги од светската и од нашата драматургија што сум ги толкувал, најзабележително е тоа, дека, нема повторување, туку е секогаш ново, и во тоа е вештината на актерот.
Б: Во духот на слоганот од годинашниов фестивал: „Ова е наше време! Време за театар“, каква е вашата лична перцепција: какво е ова наше, театарско време?
Б.М.: Мислам дека театарот не е тој што беше, зашто не сме ние, односно мојата генерација, не е на „пиедесталот“, поточно, не сме активни во смисла на луѓе кои одлучуват за репертоари, за претстави, за фестивали, за учества… И, имам впечаток како да сме затворени во круг, како да сме затворени во „нашето маало“. Ние треба да престанеме да бидеме затворени и да излеземе надвор во светот и да се натпреваруваме со тие кои, навистина, значат и култура, и театар. Со самото заокружување или затворање во себе, мислам дека театарот, малку како да тапка во место. Но, секако и сигурно дека има надеж и таа зависи од генерациите кои сега се школуваат и доаѓаат и би сакал тие да бидат поактивни. Не само да се вработат во театарот и да добиваат плата, туку да мислат за театарот, да се посветат на театарот, да го носат театарот во себеси, а во никој случај само да бидат во театарот. Има голема разлика да бидеш внатре, или да го носиш во себеси.
Елизабета Ангелеска Атанасоска
Фото: Оливер Ангелески