Повик за средношколци за едукативните работилници на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
Поради големиот интерес кај средношколците од Прилеп, МТФ „Војдан Чернодрински“ отвора повик за самостојно пријавување на едукативните работилници. Работилниците ги организира Фестивалот во соработка со Театар за сите.
Пријавувањето трае до 6 октомври 2023 година. Повикот е отворен за сите средношколци, ученици во кое било средно училиште на територијата на градот Прилеп. Линкот за пријавување можете да го најдете овде.
Едукативните работилници се воведоа на изминатиот 57. Фестивал. Главните работилници ќе ги води Милош Б. Андоновски, режисер и основач на „Театар за сите“, а споредните работилници ќе ги водат актери од ансамблот на Прилепскиот театар.
Целта на оваа Едукативна програма е да даде поддршка, насоки и вештини на наставниците и учениците од училиштата во Прилеп во сферата на театарското образование; да креира драмски јадра кои ќе можат самостојно да дејствуваат и да создаваат театарска уметност, како и да генерира нов бран на идни театарски уметници и публики.
Програмата е со времетраење од седум месеци и ќе започне во ноември, а ќе
заврши за време на 58. Фестивал во јуни 2024 година.