Објавени наградените драмски текстови на конкурсот на Министерството за култура и МТФ „Војдан Чернодрински“
„Бреме“ од Мила Јовановиќ – Миленковиќ, „Измислена приказна“ и „Не застанувај продолжи понатаму: Лукавиот“ од Мики Душански се најдобрите драмски текстови избрани на Конкурсот за откуп на необјавен и непоставуван македонски драмски текст, што го распиша Министерството за култура во соработка со Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. На авторите на откупените драмски текстови, за откуп на авторските права за објавување и поставување на драмскиот текст, Министерството ќе им додели авторски надомест во нето-износ од по 120.000 денари.
На конкурсот пристигнаа 48 драмски текстови, а разгледувањето и оценувањето го изврши комисија од компетентни лица именувани од министерката за култура, на предлог од МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
Во врска со начинот за реализација на постапката на конкурсот, која ја спроведе МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, согласно одлуката комисијата да биде анонимна, секој член на комисијата потпиша Изјава за анонимност.
Процесот на работа беше таков што секој член од тричлената комисија работеше независно и требаше секој од доставените текстови под шифра да го оцени со оценка од 1 до 5. По добивањето на оценките за секој драмски текст од секој член на комисијата посебно, беше избрана средна оценка.
Министерството за култура и МТФ „Војдан Чернодрински“ сакаат да го истакнат ангажманот на членовите на комисијата и нивната посветеност во процесот на работа.
Целта на конкурсот е афирмација на современата македонска драма и збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори. Приоритет имаа текстовите кои поттикнуваат и промовираат млади домашни драмски автори, текстови кои ја афирмираат современата македонска драма, иницираат зголемено учество на јавноста-интерактивност, активна публика, учество на млади и текстови кои отвораат актуелни општествени прашања.