Пoвик за учество на театарски работилници на 58 МТФ „Војдан Чернодрински“

Промената започнува на индивидуално ниво, и само кога ќе се промениме самите ние, може да го менуваме светот околу нас. Водени од желбата да инспирираме промени во востановениот театарски систем, организираме пет работилници во рамки на 58. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Работилниците третираат делови од театарската практика кои заслужуваат дополнително внимание за да се развие нивниот целосен потенцијал. 

 

Во рамки на денот посветен на годинешниот автор во фокус, Горан Стефановски, на 9 јуни (недела), ќе се одржи работилницата „Горан и македонската сцена – изгубените парчиња на сложувалката“, предводена од асс. м-р Христина Цветаноска Станковска, а под менторство на проф. д-р Јелена Лужина. На работилницата можат да се пријават млади, љубопитни луѓе кои се подготвени да стапат во дијалог со и за драмите на Горан, а со цел реоткривање на оној дел од драмското творештво на Горан кој сè уште не го нашол својот вистински израз на македонската театарска сцена.

Истиот ден, на работилницата за танц, проф. д-р Искра Шукарова ќе ги води учесниците низ истражувачки процес за релацијата тело-глас. Преку методите на танцовиот теоретичар Рудолф фон Лабан кој ги истражува просторот, динамиката и времето како битни компоненти на секое човечко движење, учесниците на работилницата ќе можат да дефинираат свои индивидуални движења и да најдат соодветен глас/звук кој ќе ги прати. Целта на работилницата е секој учесник да се здобие со ново гледиште за сопственото тело. 

„Драматилницата“, предводена од Ана Ристоска – Трпеноска, е наменета за млади луѓе кои имаат афинитет за пишување, со мало или без претходно искуство во пишување драми. Работилницата ќе трае три дена (08-10.06.2024) и е од практичен карактер, а учесниците ќе добијат директен увид во процесот на пишување драми со што ќе се демистифицира овој занает. Тематскиот фокус на зборот „ПРОМЕНИ“ ќе отвори и простор за дијалог за тоа како театарот може да го менува општеството и да поттикне критичко размислување и делување. 

 

Основната цел на костимографската работилница, која ќе ја одржи Александар Ношпал на 10 јуни (понеделник), е учесниците да се запознаат со основните елементи и принципи во дизајнирањето на театарски костим, преку анализа на карактерите и нивниот костим во делото „Чернодрински се враќа дома“ од Горан Стефановски. За време на работилницата, заинтересираните млади ќе можат теоретски и практично да се вклучат во процесот на креирање и конципирање на театарски костими. Повеќе информации за работилницата, менторот и начинот на пријавување се достапни во формуларот за пријавување.

 

Работилниците ќе се одржуваат во текот на претстојното издание на фестивалот (7-14 јуни 2024 г.) во Прилеп. Повеќе детали за секоја работилница, менторите и начинот на пријавување се достапни на посебни страници од формуларот за пријавување. Ги покануваме сите заинтересирани млади и оние што сакаат да знаат повеќе за театарот кои се од Прилеп и околината да се пријават за учество.

Линк за пријавување на работилниците

Умно.мк – интернет-порталот посветен на образованието, науката и уметноста ги кани средношколците и младите од Прилеп, кои би сакале да научат повеќе за тајните на новинарската професија, учејќи преку следење на претстојното 58. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Ќе учиме како се пишува вест, како се прави интервју или извештај од тркалезна маса. Работилницата ќе трае 4 дена (9 до 13 јуни), ќа ја предводат Весна Ивановска-Илиевска и Сребра Ѓорѓијевска, новинарки и ко-основачки на Умно.мк. Работилницата се реализира во соработка со фестивалот, а ја поддржува Министерството за култура.

Линк за пријавување на работилницата на Умно.мк

Слични Објави