Автор во фокус 2023
Од оваа година Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ поставува Автор во фокус.
Автор во фокус е програма посветена на значаен автор од областа на драмската и театарската уметност. Оваа година Автор во фокус е Коле Чашуле. Програмата Автор во фокус започна со Едукативните работилниците од 1 ноември 2022 година, со почетокот на работата на ученици од четири училишта од Прилеп (две основни и две средни) и нивните професори, заедно со две актерки од прилепскиот театар, под менторство на македонскиот театарски режисер и едукатор Милош Б. Андоновски. Во рамки на програмата на поткастите, направена е и епизода за Коле Чашуле. Потоа, програмата се развива во поглед на Чашуле со гостување на претставата „Црнила ремикс“ во режија на Јордан Симонов и продукција на Младинскиот културен центар од Скопје. За време на отворањето на фестивалот планирано е откривање на Спомен обележје за Коле Чашуле, а потоа и видео портрет. Во планот на програмата е и промоција на монографија за Чашуле.
Коле Чашуле (1921-2009) е познат македонски драмски автор, писател, есеист, општествен деец, револуционер. За македонската драма и театар е значаен затоа што со неговата драма „Вејка на ветрот“ почнува модерната македонска драма и театар. Драмата е праизведена во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Мирко Стефановски на 28 април 1957г. На сцената на Прилепскиот театар се праизведени и изведени скоро сите негови драми, наградени се на фестивалот и на сите други македонски и театарски фестивали надвор од нашата земја. Напишал дваесет и четири драми, дванаесет романи, пет книги со раскази, шест книги есеи, една монографија и стотина текстови од различен формат. Коле Чашуле е еден од најзначајните прилепски и македонски уметници, писатели, културни дејци, чија поетика и естетика е повеќе од достојна за едно вакво обележување. Коле Чашуле е роден во Прилеп на 2 март 1921 година, како четврто дете во семејството на Илија и Стева Кепеви, а посвоен од вујко му Илија Чашуле и сопругата Стева, во 1925 г. со што го добива официјално презимето Чашуле. Гимназија завршува во Битола (1938). На Универзитетот во Белград студира медицина (1938-1941). Учесник е во акцијата од 11 октомври, со која започнува антифашистичкото востание на македонскиот народ. По ослободувањето е главен уредник на Радио-Скопје (1945/46), прв управник на Македонскиот народен театар (1948/49), директор на “Вардар филм” (1951/52), долгогодишен соработник, театарски критичар и уредник на повеќе релевантни литературни списанија, меѓу кои и на Современост (1950/51) и Разгледи (1957-1963). Извршува низа функции во дипломатијата на поранешна Југославија (генерален конзул во Канада, 1952-1955; амбасадор во Боливија, 1963-1965; во Перу, 1970-1975 и во Бразил, 1978-1981). Автор е на екстензивен, жанровски разновиден опус кој содржи над 50 наслови. Автор е на драмите: „Една вечер“ (1948); „Последните гаврани“ (1949); „Задруга“ (1950); „Вејка на ветрот“ (1957); „Бразда“ (1958); „Црнила“ (1960); „Игра или социјалистичка Ева“ (1961); „Градскиот саат“ (1965); „Вител“ (1966); „Партитура за еден Мирон“ (1966); „Земјаци“ (1967); „Дивертисман за еден Стрез“ (1967-1990); „Тројца и вистината„ (1967-1970); „Како што милувате: оставака на еден карипски министер за внатрешни работи или достага на самиот врв од највисоката власт“ (1975); „Житолуб“ (1977); „Роднокрајци“ (1978); „Суд“ (1978); „Тибрусио и Синфороса“ (1988/89); „Вејка два“ (1989); „Сон прв“ (1991); „Сон втор и по него друг“ (1992); „Modus Morendi“ (1992); „Lacrimula“ (1993); „Маркучот во четири гласа“ (1995). Чашуле е и патописец, филмски сценарист, фељтонист, критичар, есеист и публицист. Неговите драми и прозни изданија се преведени на англиски, шпански, јапонски, чешки, руски, словачки, унгарски, романски, полски, албански, српски, хрватски и на словенечки јазик.
Меѓу повеќето награди што ги добил се и: Стериина награда за најдобар драмски текст, „Црнила“ (1961); Награда 11 Октомври за најдобра книга на годината, „Драми“ (1967); Награда Стале Попов за романот „Вомјази“ (1970); Стериина награда за животно дело (1970); Награда Марин Држиќ за драмски опус (1982); Награда иАВНОЈ за животно дело (1989); Награда Војдан Чернодрински за животно дело (1997) и други.
*
Коле Чашуле е Автор во фокус на годинешниот 57.МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп затоа што е повеќе од значаен и за македонскиот театар и за прилепскиот фестивал. Сите активности на Фестивалот се во насока на почитување на ликот и делото на Коле Чашуле кој е еден од прилепските првоборци, човек – уметник, што своето дело директно го поставува низ призмата на Прилеп. Прилеп е постојан дел од неговите книги. Може да се каже дека Прилеп е еден од главните ликови во неговата поетика.
Идејата на Уметничкиот директор на фестивалот е оваа програма да стане традиционална и секоја година фестивалот да има свој Автор во фокус.