Марко Трајковиќ: На современиот македонски театар најмногу од сè му недостасуваат жар и љубов кон истиот
На театарот му фали поголем буџет од Mинистерството за култура и малку
поголем фокус кон останатите театри во државата, а не само на театрите во
Скопје и Битола
Тој е театарски оптимист. Актерот Марко Трајковиќ со својата посебна харизма и талент дава посебен печат на претставите на својот матичен театар во Куманово, но и на други сцени каде што има проекти. За улогата на Земјаника во претставата „Ревизор“ на Кумановскиот театар, во режија на Андреј Цветановски, тој ја доби наградата за млад актер на 51. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Како Трајковиќ ги замислува промените во театарот, што е тоа што треба да биде различно за да ни биде подобар современиот театар.
Што треба да се промени во театарот?
Апсолутно ништо. Театарот функционира како медиум денеска исто како што функционирал и отсекогаш. Иако заинтересираноста на обичниот човек за овој медиум е многу намалена во споредба со минатото, театарот продолжува да живее и ќе продолжи да живее понатаму. Една од причините поради која јас лично се заљубив во театарот е токму таа безвременост и издржливост во лице на ова модерно време каде што се застапени далеку попопуларни медиуми од самиот театар.
Како за вас треба да изгледа еден современ театарски фестивал?
За мене лично еден модерен фестивал, покрај богата и разновидна програма на претстави, треба да има работилници, презентации и други активности кои би ја заинтересирале публиката да го проследи самиот фестивал од почеток до крај. Поголем маркетинг и поголема покриеност од страна на други медиуми исто мислам дека нема да наштети на самиот фестивал. Денеска е доба каде што секој од нас има неверојатен пристап до информации за сè што се случува во наша близина. Поголем фокус на самиот маркетинг околу Што му фали на современиот македонски театар?фестивалот и активностите поврзани со истиот, мислам дека би донеле поголема заинтересираност од страна на публиката.
Што му фали на современиот македонски театар?
Пред сè, подобри услови за работа. Му фали поголем буџет од самото Mинистерство за култура. Малку поголем фокус кон останатите театри во државата, а не само на театрите во Скопје и Битола. Живеат луѓе кои имаат потреба од театар и култура надвор од главниот град. Самиот потценувачки став на Министерството за култура кон т.н ‘провинциски’’ театри е најискрено кажано идиотски и апсурден. Оваа година мојот театар издаде монографија насловена „75 Години театар Куманово’’, а моментално немаме театар во Куманово. Постои срушена зграда каде што некогаш играле и твореле луѓе на тие штици што живот значат, иако и самите штици се физички скршени и заборавени. Да не биде дека мојот одговор го ограничувам само на мојот театар каде што работам, во слична состојба се и театрите во Штип, Охрид, Струмица, па и во Прилеп каде што се одржува нашиот најголем и најпознат театарски фестивал. Актерите и сите соработници ангажирани на проекти во овие театри одат со страв на своите работни места, да не им падне рефлектор врз глава или да не пропаднат во самата сцена на која што настапуваат. Современиот македонски театар е светлосни години зад современиот светски театар. На современиот македонски театар најмногу од сè мислам дека му недостасува жар. Жар и љубов кон истиот. Премалку луѓе и
театарџии се борат за своите театри. Постарите не го предаваат својот скоро изгасен факел на помладите. Политичките партии пикаат луѓе на работни места во театри, луѓе кои и самите немаат купено карта за претстава во животот. Се надевам дека ова
ќе се промени во иднина. Останувам театарски оптимист.