|

Борис Чоревски: Горд сум што сум учествувал во промените во Битолскиот театар

Актерот Борис Чоревски ја доби наградата за животно дело на Македонскиот театарски
фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2021 година. Чоревски е стожер на Народниот театар во Битола, актер со посебен сензибилитет кој целиот свој работен век го помина на својата омилена сцена на Народниот театар од Битола. Горд е на успесите на својот
театар и што можел и тој да придонесе во тоа.
https://mtf.com.mk/boris-chorevski/

1. Колку според вас сте го промениле театарот?

-Битолскиот Народен театар отсекогаш имал врвни актерски имиња. Да ги споменеме
некои: Ацо и Димче Стефановски, Олга Наумовска, Јоана Поповска, Љубиша Трајковски,
Јосиф Јосифовски, Петар Стојковски-Бабец, па режисерските имиња кои својата кариера
ја почнале во Битола: мојот професор Димитрие Рули Османли, Љубиша Георгиевски,
Душан Наумовски, Димитар Христов и др. Со доаѓањето на првите факултетски
образовани актери – Благој Стефановски, Сребре Ѓаковски и јас во 1975 г., и подоцна нови дипломирани актери и режисери, ние како млади кадри и не можевме да внесеме (а и немаше потреба) некои промени. Подоцна, со доаѓањето на Благој Стефановски за
директор, битолскиот театар направи промени не само со нови видувања во
репертоарската политика, туку и со квалитетните претстави со кои земавме учество на
разни фестивали во Македонија, Европа и светот. И денес, со доаѓањето на нови актери и
режисери кои внесуваат нешто ново и свое, тие придонесуваат за квалитетот на големиот Битолски театар. Овде се ставам и себеси, и горд сум што сум учествувал во тие промени.

2.Што треба фестивалот да направи за да ја направи промената?

-На фестивалот „Војдан Чернодрински“ сум учествувал повеќе години. Колку што се
сеќавам, на почетокот театрите од Скопје сметаа дека во останатите театри не гледаат
никаква конкуренција, па затоа и не учествуваа во редовната програма на фестивалот. По неколку години и тоа се промени, најверојатно увидоа дека во Македонија има навистина квалитенти театри, па се приклучија во фестивалската програма. Се знае, секој
претседател на Собранието на фестивалот, а и секој селектор носи промени… Што треба
да се направи за промена? Во поранешните години, поголем дел од актерите на театрите
остануваа од почетокот до крајот на фестивалот. Со намалувањето на средствата, се
намали и присуството на актерите, следењето на претставите, дружењето, разговорите за
претставите. Јас лично сметам дека промена би било да се врати тоа дружење помеѓу
театарските работници, а и Министерството за култура треба да поведе сметка за
финансирањето на овој фестивал на професионалните театри во Македонија. Би требало
да се вклучат и големи фирми и познати бизнисменски имиња, да помогнат во
реализација на овој исклучително квалитетен и врвен театарски фестивал.

3.Што му фали на современиот македонски театар?

-Моето мислење и на ова прашање ќе биде свртено кон Министерството за култура и
државните органи. Додека порано секој театар правел по 7-10, па и повеќе претстави, сега зборуваме за 3-5, затоа што средствата се драстично намалени. И така, сега кога
излегуваат голем број дипломирани актери и режисери кои се повеќе од 100-ина, наместо да се вработат (со што и продукцијата на театрите би била поголема и поразновидна), оставени се секој да се снаоѓа кој како може. Со вработувањето на овие млади сили, бројот на претставите ќе се зголеми, и репертоарот ќе биде разновиден, на задоволство на сите посетители и љубители на театарската уметност.

Слични Објави