Ново читање: Експликација на селекцијата

Годинaшната селекција на фестивалот е направена откако беа прегледани актуелните театарски продукции на институционалната и независната продукција кај нас. Иницијалната позиција од која почна селекцијата е да се дефинира сериозна голема театарска претстава која е во контекст или со годинaшниот автор во фокус – Горан Стефановски или во контекст на современиот пристап во третирањето на театарот денес. За овогодишниот 58. Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, се решив да го прикажеме тоа што е современо и актуелно, истовремено во корелација со европските театарски трендови. Она што доминира во овогодишната програма е потребата да се најдат нови читања на стари теми, истовремено создавајќи поинаков третман на просторот. Доминантно во целогодишната продукција беа повеќе камерните или „мали“ сцени наспроти големата сцена. Имаше неколку впечатливи камерни претстави работени според домашни автори, но не одговараа на концептот на овогодишниот фестивал. Тоа не значи дека беше естетички ограничена, туку создаде ново гледање и на драмите и на просторот. На македонската театарска продукција како и да ѝ фали сериозно истражување и на современите театарски тенденции, но и на сопствените театарски капацитети. На нашите театарски сцени им треба промена која се надевам ќе ја иницира овогодишниот фестивал. Промената е најблиската потрага по сопствениот креативен потенцијал. Промената е и првата победа во битката со конформизмот, старите навики, инертните или наследени ситуации. Затоа сметам дека е важно да се нагласи дека овогодишната селекција е направена според концептот Ново читање и ги опфаќа двете потпрограми: Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски,
каде што се избрани следните претстави:

  1. „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Народниот театар
    „Војдан Чернодрински“ – Прилеп;
  2. „Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, продукција на Албанскиот театар –
    Скопје;
  3. „Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на
    Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип;
  4. „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, продукција на Центарот за култура
    „Антон Панов“ – Струмица.

и вториот дел го има програмата Ново читање на класиците, во кое го гледаме авангардниот пристап во третманот на драмите што се класични/лектирни, а истовремено
и потенцијалниот нов моментум во третирањето на театарот. Во оваа програма се претставите:

  1. „Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Васил Христов, продукција на
    Драмски театар – Скопје;
  2. „Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак,
    продукција на Центар за култура „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес;
  3. „Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на
    Македонскиот народен театар;
  4. „Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, продукција на
    Турскиот театар – Скопје;
  5. „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Народен
    театар – Битола;
  6. „Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов,
    продукција на Театар „Комедија“;
  7. „Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, продукција на
    Театарот за деца и младинци – Скопје.

Во придружната програма ќе бидат презентирани неколку претстави кои се во контекст на
концептот на комплетната селекција:

  1. „Кенди“ од Лук Дејвис, во режија на Тамара Стојаноска, продукција на Театар
    „Златен Елец“;
  2. „Лекција“ од Ежен Јонеско, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Motion
    Network и НТ Штип;
  3. „Црна дупка“ од Горан Стефановски, дипломска претстава по театарска режија на
    Александар Јовановски, во класата на проф. м-р Зоја Бузалковска, ФДУ Скопје;
  4. „Натчовек“ од Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, продукција на
    Драмски театар „Стојан Бочваров“ – Варна, Бугарија.
  5. „Поол“ од Марк Рејвенхил, во режија на Шенај Мандак, продукција на МКЦ и
    Хибрид.
  6. „Арт“ од Јасмина Реза, дипломска претстава на студентите по актерска игра од
    класата на проф. Дејан Пројковски, Универзитет „Еуропа Прима“ – Скопје.

За време на фестивалот ќе организираме ден комплетно посветен на Авторот во фокус –
Горан Стефановски, на кој ќе се презентираат сите актуелности поврзани со зачувувањето
на ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура.

Ќе бидат одржани пет работилници, освен презентацијата на едукативната програма: Работилницата за драмско пишување што ќе ја води Ана Трпеноска, Работилницата за
читање на Горан Стефаноски што ќе ја води проф. д-р Јелена Лужина, Работилницата за
следење на фестивалот што ја води тимот на УМНО, Работилница за тело – говор – простор
што ја води Искра Шукарова и Работилницата за костимографија што ја води Александар
Ношпал. Повиците за учество на овие работилници ќе ги објавиме наскоро. Ќе бидат одржани промоции на повеќе изданија од театарска и театролошка литература од македонски и странски автори.

Ќе бидат активни сите фестивалски зони како минатата година, ќе имаме и некои нови кои ќе ги откриваме постепено во текот на следните денови на фестивалот.

Слични Објави