За фестивалот: Благица Секулоска
Ги паметиме и се потсетуваме на најнаградуваните во изминатите шест децении фестивал. Што е за нив МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и јубилејот 60 години? Им благодариме за одвоеното време и искрените мисли.
Благица Секулоска, драмски писател
Чернодрински. Дома.
Паметам, имам 5-6 години, стуткана сум во кревет пред заспивање со мајка ми. Ми чита приказна. На крајот ме гушнува, ме бакнува в чело и додека го гаси светлото ми вели: Кој од малечок со книгата се дружи, таа верно ќе му служи. Мхм. Баш така и излезе. Јас бев немирна, палава, закачка, бељаџика… Се тоа бев и уште сум, но и до ден- денес останав девојчето што секогаш има некоја книга со себе. Со книгите сум се будела, сум заспивала, сум јадела, сум се сoнчала, сум се сенкала, сум се кафесувала, сум се губела, сум се наоѓала. Магичноста на зборот, на замисленото, на создавањето свој свет отсекогаш ми била фасцинатна. Глумата, театарот, ѕиркањето во некој туѓ, а сепак некако твој живот, прашањата кои не си смеел да ги поставиш, а на кој добиваш одговор – просто неверојатно. Јас пораснав со тоа, мене уметноста секогаш ми била суштинска основа за сè. Пораснав покрај тетка ми Цветанка Трпкова, која со својот глас чинеше чуда на радио, во нејзините радиодрами, иако не можеше да видиш „ништо“, можеше точно до дeтaљ да спознаеш сè. Дедо ми Александар Секулоски-Цане, иако не го запознав, починал еден месец пред да се родам, но сите кои го знаеле ми потврдија дека сум негово олицтворение во секој смисол, а тој бил самоук сликар, првак во снукер, силен, умен, убав и секако, ако не и најважно, по потекло од Прилеп. Прилеп, градот во кој театарот се живее, сака, слави, наградува, љуби, разбира, чува, негува, расте, трае. Од дете копнеев да бидам писател, од дете копнеев да создадам свет, ама не само тоа, туку со магијата што единствено театарот ја има, тој свет пред мои очи да оживее. Копнеев еден ден да стојам на сцената на фестивалот „Војдан Чернодрински“ и да добијам награда за најдобар драмски текст. Пилето што во гради ми пее, на сите да им запее. И Господи, Фала ти, сонот стана јаве. Не еднаш, туку два пати. И, да се разбереме, ме делат уште три до пет награди, ама има време да се доизнапишувам и повторно да ми се оствари сонот за награди, токму тука на „Чернодрински“. Дружба, среќа, возбуда, трема, желба, страст, солзи, насмевки, аплауз, размена. Доказ дека театарот е жив. А битот на тој театарски живот е токму фестивалот „Чернодрински“. Поскаувам тоа срце на македонскиот театар вечно да бие низ душата на овој фестивал и во наредните векови, милениуми, бесконечност.
Амин!
