| |

Прилеп во фокус 2.0

Како е да се стави еден град во фокус? И тоа еден град од позиција на место кое „родило“ голем број театарски уметници. И не само театарски. Како е да се направи еден град да биде град театар. Она што денес изгледа како сосема реална и возможна идеја не би било можно без нашите претходници. Прилеп ѝ дал на Македонија голем број уметници, просветители, професори… Прилеп ги втемелил на некаков начин и јазикот и дел од културата во Македонија. Затоа сметаме дека треба да го поставиме во фокус, за да покажеме како фестивал неколку важни одлики на театарската уметност што почнала овде.

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ − Прилеп речиси шеесет години на македонската култура ѝ го дава најдоброто од македонскиот театар. Минатата година го создадовме „Музејот во движење“ или „Прилеп во фокус“, поточно го презентиравме придонесот и влијанието на тројца (и не само на тие тројца) мошне значајни театарски уметници од Прилеп. Оваа година продолжуваме со акцентирање на прилепското театарско наследство од актерите Лидија Иваноска и Трајче Иваноски и од актерот и режисер, Благоја Ивчески.

Артефактите од оваа изложба ќе бидат кај нашите пријатели „Лувр“ и „Тротоар“.

Трајче Иваноски (Прилеп, 11 март 1945 – Прилеп, 19 декември 2021)

Трајче Иваноски е македонски театарски, филмски и телевизиски актер. Од 1965 година е член на Народниот театар во Прилеп, каде што во текот на својата долга и плодна кариера остава длабоки траги со својот континуиран, посветен и впечатлив ангажман. Се афирмира како актер кој толкува главни и стожерни улоги, градејќи богат и разновиден репертоар.
Во своето творештво настапува во дела од домашната драмска продукција, како и од светската класика и современата драматургија. Во неговата селективна театрографија особено се издвојуваат улогите: Протасов во „Деца на сонцето“, Креонт во „Антигона“, Агатон во „Нажалена фамилија“, Аџи Трајко во „Бегалка“, Горчин во „Скок преку кожа“, како и низа други значајни остварувања. Во овој контекст се вбројуваат и неговите улоги во комедиите на Миле Попоски, како и во повеќе водвилски претстави, особено во делата на Реј Куни. Во својата зрела творечка фаза остварува забележителен настап во улогата на Киро во „Полковникот птица“ од Христо Бојчев, а настапува и во претстави наменети за детска публика. Во зенитот на својата актерска кариера Иваноски остварува особено значајна улога во дуо-драмата „Залив“ од Ги Фоази, во режија на Коле Ангеловски. Овој ангажман има исклучително значење бидејќи преку него јасно се манифестираат специфичностите на неговиот актерски хабитус.
Трајче Иваноски се профилира како актер со изразен и специфичен сензибилитет, кој се темели врз воздржаност, суптилност и внимателно ослушнување на внатрешните барања на ликовите. Неговите интерпретации најчесто се однесуваат на карактери со сложени, истенчени односи и емоционални состојби. Еднакво успешно се остварува и во комедиографскиот и во драмскиот жанр. Во неговите актерски креации речиси секогаш се препознаваат луцидноста, рефлексивноста и суптилната зачуденост, кои резултираат со сценски остварувања што оставаат силен впечаток и не ја оставаат публиката рамнодушна. Особено се истакнува неговиот рационален пристап во градењето на ликовите, независно од жанровската определба на делото.
Покрај настапите на матичната сцена, Иваноски остварува соработка и со Драмскиот театар во Скопје и Народниот театар во Битола. Неговиот актерски опус опфаќа и улоги во други медиуми, особено во телевизиски драми и серии, како и во радиодрамски продукции.
Во неговата биографија значајно место зазема и фактот дека е еден од основачите на Еколошкиот детски театар (1995). Добитник е на поголем број награди и признанија за својата уметничка дејност, меѓу кои и наградата „3 Ноември“ што ја доделува Собранието на Општина Прилеп.
За својата улога во претставата „Собирен центар“ од Душан Ковачевиќ ја добива наградата за најдобро актерско остварување на Фестивалот на комедијата во Корча, Република Албанија (2023), каде што, исто така, е награден за монодрамата „Јас, Илија Шаторот“ во 2016 година. Трикратно е наградуван на МТФ „Војдан Чернодрински“: во 1969 година ја добива наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ за улогата на Златан во претставата „Робот и агата“, додека во 1981 и 1982 година следуваат две последователни награди за најдобро актерско остварување, и тоа за улогите на Горчин во „Скок преку кожа“ и Протасов во „Деца на сонцето“. Наградата за животно дело му е доделена во рамките на 43. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2011 година.

Филмски и телевизиски остварувања:
Македонскиот дел од пеколот (1971), Волшебното самарче (1975), Итар Пејо (1977), Наши години (1979, Железничарот), Оловна бригада (1980), Едно лето (1982, Економот), Илинден (1982), Слана во цутот на бадемите (1982), Белото Циганче (1984), Јуначко колено (1984), Трговецот од Солун (1985), Солунски патрдии (1986, Аџи Јанкула), Втора смена (1988), Собирен центар (1989), Еурека (1989-1991), Чудовиштата во нашиот град (1992), Бог да ги убие шпионите (1993, Затвореник), Прекалени (1994, дедо Марко), Во светот на бајките (1995), Прашина (2001, Овчар), Лото, лото (2003), Неверство во зимска ноќ (2004), Тајната книга (2006, Прв гостин), Збогум, Румелија (2007-2009), Куќен совет (2008), Царската е последна (2010), Тврдокорни (2012-2014, Мајстор Јонче), Авантурите на Итар Пејо (2013-2014, Кметот), Македонски народни приказни (2014), Три во едно (2015), Последниот Македонец (2015, Таткото).

Лидија Иваноска (Белград, 29 јуни 1938)

Лидија Иваноска е македонска театарска, филмска и телевизиска актерка, чиј обемен и разновиден опус опфаќа многубројни значајни актерски остварувања реализирани во различни жанрови и национални драматургии. По завршувањето на средното образование во Државната театарска школа во Нови Сад и краткиот ангажман во Народниот театар во Штип, својата професионална кариера ја врзува за Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде што, со мали прекини, настапува од 1959 година, останувајќи му верна до крајот на својот работен век.
Како актерка со изразен творечки потенцијал и професионална дисциплина, Иваноска не се ограничува на одреден фах, туку со еднаков интерес и посветеност пристапува кон улоги од светската драмска класика, како и кон современата домашна и странска драматургија. Секој актерски ангажман го реализира со висок степен на одговорност, аналитичност и сценска убедливост.
Еден од нејзините рани и значајни сценски проблесоци е улогата на Лаура во драмата „Татко“ од Август Стриндберг, со која се афирмира како водечка актерка на прилепскиот театар. Својот талент и творечка зрелост дополнително ги потврдува во поетските драми на Федерико Гарсија Лорка – „Крвави свадби“ (улогата на Мајката) и „Домот на Бернарда Алба“ (насловна улога), како и во „Лисица и грозје“ од Гилермо Фигеиредо (Клеа) и „Протекција“ од Бранислав Нушиќ (Персида).


Остварува впечатливи и пластично обликувани ликови и во дела од домашната драматургија, меѓу кои „Солунски патрдии“ од Миле Попоски и „Адам и Ева“ според Марко Цепенков. Особено се издвојува нејзината интерпретација на ликот Фатиме во „Солунски патрдии“, која се одликува со студиозност, колоритност и сценска изразност. Во доменот на камерната сцена Иваноска реализира значајни остварувања на малата сцена на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, особено во дуо-драмите „Кому му е сеедно“ од Бранко Илиев и „Заливот“, како и во повеќе монодрамски проекти, во кои демонстрира високо ниво на актерска концентрација и интерпретативна прецизност.
И по пензионирањето повремено настапува во проекти на својата матична сцена, задржувајќи континуитет во своето творечко присуство.
За својата уметничка дејност, Иваноска е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои наградата „3 Ноември“ на Општина Прилеп, како и наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“, доделена во 2008 година.
Покрај театарската дејност, остварува и забележителни улоги во филмската продукција, меѓу кои: „Наши години“ (1979), „Климент Охридски“ (1986), „Прекалени“ (1994), „Прашина“ (2001) и „Големата вода“ (2004).

Благоја Ивчески (1938, с. Смолани, Прилепско) 

Благоја Ивчески е македонски театарски, филмски и телевизиски актер и режисер. Станува член на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во 1960 година, институција во која го поминува целиот свој работен век, доследно посветен на избраниот професионален повик. Како исклучителен приврзаник на театарската уметност и на поширокиот спектар дејности поврзани со неа, се одликува со восхитувачки ентузијазам, континуирана работна енергија и високо развиено чувство за професионална дисциплина. Во неговиот творечки однос кон професијата неуспесите се доживуваат со нагласена лична ангажираност, додека успесите се артикулираат со нагласена скромност.
Актерското творештво на Ивчески се карактеризира со значителен обем и изразена жанровска и стилска разновидност. Во текот на својата кариера реализира повеќе од 130 улоги, при што се јавува како носител на многу стожерни и насловни улоги. Неговиот репертоар опфаќа дела од современата светска драматургија, класичната драмска традиција, како и од македонската драмска продукција. Во раната фаза од неговата кариера, неговиот актерски потенцијал доаѓа до израз особено преку интерпретации во дела од македонски автори: Младичот во „Црнила“ од Коле Чашуле, Драшко во „Парадоксот на Диоген“ од Томе Арсовски, Костадин во „Печалбари“ од Антон Панов, Илија во „Антица“ од Ристо Крле и Бошко во „Бегалка“ од Васил Иљоски. Во подоцнежниот период од својата кариера Ивчески остварува значајни улоги како Димитрија во „Диво месо“ од Горан Стефановски, Дрен во „Суд“ од Коле Чашуле, Трпе во „Глогов џбун“ од Благоја Димитров, како и во многу други сценски реализации. Притоа, самиот уметник повеќепати истакнувал дека особен творечки предизвик и задоволство за него претставува интерпретацијата на улоги од домашната драматургија.


Театарската критика ги вреднува неговите остварувања со високи оцени, особено во претстави како „Малограѓани“ (Нил) и „Децата на сонцето“ (Чепурној) од Максим Горки, „Антигона“ (Тирезиј) од Софокле, „Цена“ (Виктор Франц) од Артур Милер, „Хамлет од Мрдуша“ (Учителот), „Вечера во погребалното претпријатие“ (Микац) од Иво Брешан, „Нора“ (доктор Ранг) од Хенрик Ибзен, „Крвави свадби“ (Младоженецот) од Федерико Гарсија Лорка, како и во низа други продукции.
Посебно место во неговото творештво заземаат улогите од комедиографскиот жанр, меѓу кои се издвојуваат: Чедо во „Госпоѓа Министерка“ од Бранислав Нушиќ, Барион во „Венчавката на Барион“ и Понтањак во „Магаре“ од Жорж Фејдо, како и улоги во повеќе комедии од македонски и светски автори, меѓу кои Миле Попоски, Молиер и Марин Држиќ.
За неговите актерски остварувања Ивчески двапати е наградуван на театарските игри „Војдан Чернодрински“: во 1968 година за улогата на Благо во „Балада за орканата“ од Васил Видически и во 1972 година за улогата на Виктор Франц во „Цена“ од Артур Милер.
Покрај актерската дејност, Ивчески повремено се занимава и со режија. Во рамките на театарската институција во која работеше режира седум претстави, од кои две се целовечерни, а пет се наменети за детска публика. Дополнително, во Домот на културата реализира петнаесет претстави со комбиниран актерски состав, составен од професионални актери и аматери, при што седум од нив се куклени претстави наменети за најмладата публика.
Значаен сегмент од неговата професионална дејност претставува и неговата континуирана грижа за македонскиот литературен јазик. Благодарение на неговото темелно познавање на јазичната норма, активно придонесува кон јазичната коректност на театарските продукции. Автор е на многу јазични колумни објавувани во списанија, а за потребите на театарот има преведено повеќе од дваесет драмски текстови од српски и од бугарски јазик. Неговиот литературен опус започнува со делото „Сеќавања до деветтата“ (Зенит прес зум, 2009), по кое следуваат три изданија на книгата „Јазичен агол“ (2011, 2013, 2021), конципирани како збирки на јазични написи посветени на македонскиот јазик, претходно објавувани во прилепскиот неделник „Зенит“.
Ивчески, исто така, активно учествува и во организацискиот живот на театарската дејност: три години ја извршува функцијата секретар на Советот на Театарските игри, а во периодот од 1980 до 1986 година е директор на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. 
Во 1997 година е добитник на наградата „3 Ноември“ што ја доделува Советот на Општина Прилеп, додека во 2008 година му е доделена наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“, во рамките на 43. фестивалско издание.
Во 2002 година заминува во пензија.

Филмски и телевизиски остварувања:

Залез зад езерска земја (1973), Волшебното самарче (1975), Едно лето (1982, Професор), Јуначко колено (1984, Чауш-ефенди), Солунски патрдии (1986, Трговец), Еурека (1989), Бог да ги убие шпионите (1993, Затвореник), Збогум, Румелија (2007-2008, Џорџ).

Слични Објави