За фестивалот: Сашко Костов

Ги паметиме и се потсетуваме на најнаградуваните во изминатите шест децении фестивал. Што е за нив МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и јубилејот 60 години? Им благодариме за одвоеното време и искрените мисли

Сашко Костов, композитор

Шеесет години „Војдан Чернодрински“. Шеесет години сцена, шеесет години во кои Прилеп не е само град, туку дом – засолниште на театарот. За мене, овој фестивал отсекогаш бил повеќе од фестивал. Тој е лик на културата. Место каде што уметноста не се покажува, туку се докажува. Тој е огледало во кое театарот се гледа себеси — понекогаш горд, понекогаш ранет, понекогаш храбар, но секогаш жив.
Како композитор, отсекогаш сум го чувствувал овој фестивал како простор каде што уметноста не смее да биде површна и со врски и протекции… Овде не се доаѓа само да се прикаже претстава. Овде се доаѓа да се остави трага, да се изгори нешто од себе, да се даде дел од внатрешниот немир на сцената, за некој во публиката да го понесе дома како тишина што долго ќе го следи.
Како композитор кој работи активно 15 години музика за театар, имам добиено една награда од овој фестивал. Само една. За најдобра музика за претставата “Рацин”. И можеби токму затоа ми е драга. Затоа што знам колку често музиката во театарот останува во сенка, а токму таа е неговиот највнатрешен глас.
Музиката не е украс, не е „фонче”. Таа е здивот меѓу две реплики, тишината што боли. Таа е невидливиот актер што не излегува на поклон. На овој јубилеј, му посакувам на фестивалот да остане храбар, немирен, достоинствен, да критикува и да е доволно чувствителен не само да го гледа театарот — туку и да го слуша. Затоа што театарот не живее само на сцена. Тој живее и во она што останува во нас откако ќе падне завесата.


Слични Објави