Слаѓана Вујошевиќ: Си мислиме дека ние му требаме на театарот, заборавајќи дека тој нам ни треба, ни треба како парче леб
Само ако одново се освестиме дека театарот е општествен фактор, ќе почнеме да
креираме со цел да изградиме подобро општество и за себе и за сите оние луѓе
кои нḕ гледаат, вели актерката Слаѓана Вујошевиќ. Таа ја доби наградата за млад
актер „Трајко Чоревски“ во 2015 година, за улогата на Елена во претставата „Сон
на летната ноќ“ во режија на Александар Поповски, во продукција на Турскиот
театар. Промените доаѓаат од младите. Вујошевиќ сестрано му е посветена на
театарот, на наобразбата на младите во театарот, веќе остварува и филмски
улоги на големото платно.
Со неа поразговаравме на тема промени во театарот, во согласност со мотото на
58. „Војдан Чернодрински“.
Што треба да се промени во театарот?
-Уметникот… Треба да се промени уметникот, одново да ја разбуди онаа искрена
љубов кон уметноста и со тоа да му ја врати вистинската смисла на театарот…
Ми се чини колективно, како театарски уметници со години наназад потфрламе,
во одговорноста, во посветеноста и воопшто во негувањето на оваа уметност…
Како да го изгубивме контактот со оној прв жар заради кој влеговме во
театарскиот свет… Во трката за вработување, кое за многумина подразбира и
преживување, се изгуби страста, а се зголеми апатијата… Вработените актери
почнаа пробата да ја викаат работа, а независните проекти се сè почесто
именувани како тезги… ретки се тие кои умеат во оваа егзистенционална криза
да живеат, вистински да живеат театар и со тоа да ја оживуваат одново и одново
и самата театарска уметност…
Како повеќето од нас да заборавија дека театарот има општествена важност и
должност… како повеќето да стануваат актери и режисери за да реализираат
свои лични цели. Само ако одново се освестиме дека театарот е општествен
фактор, ќе почнеме да креираме со цел да изградиме подобро општество и за
себе и за сите оние луѓе кои нḕ гледаат. Или како што вели Михаил Чехов: „Ние
мораме, пред сè, да разбереме дека НЕ СМЕ НИЕ ПРЕД ПУБЛИКАТА, туку
ПУБЛИКАТА Е ПРЕД НАС! Само така, поради нашето уметничко дело,
публиката ќе се разбуди заедно со нас! А зар тоа не е една од целите на театарот,
воопшто?“
А ние, заспани со години, наместо за континуиран процес на себеоткривање,
театарот сè почесто го користиме како средство за себедокажување… наместо
колективи, насекаде никнаа индивидуи… Си мислиме ние му требаме на
театарот, заборавајки дека тој нам ни треба, ни треба како парче леб, како капка
вода, како воздух… Си требаме едни на други, бидејќи само така ќе можеме да
растеме!
Како за вас треба да изгледа еден современ театарски фестивал?
-Ако терминот ‘театарски фестивал’, бил креиран со цел да реферира специјални театарски изведби избрани да слават исклучителни автори и уметници, тогаш пред и после сè треба тоа и да му биде намената… А за тоа да се случи, еден современ театарски фестивал мора да биде организиран однепристрасен, крајно објективен и професионален креативен тим и да се одвиваво соодветен простор кој ги исполнува сите материјални и логистички услови,потребни за тие исклучителни автори и уметници да ја чувствуваат потребната слобода во креативниот израз, без ограничувања, без задршка, без компромиси… Воопшто, секој еден важен културен настан, мора да биде осмислен како дел од стратегиите за културно воздигнување на една држава, или за поставување на цврсти темели од вистински вредности во едно општество. За тоа е потребна мисија и визија или едноставно план како да се развива културата во едно поднебје… Фестивалите треба да бидат средство за ширење на уметноста, поле за културен натпревар, за размена на искуства и нови знаења преку уметничка креација… А, приложените дела треба да освестуваат, едуцираат, инспирираат, да бидат сноп светлина во мракот и патоказ за излез од навидум безизлезното секојдневие…
Што му фали на современиот македонски театар?
-Повеќе свесни и одговорни уметници, кои својот индивидуален капацитет ќе
умеат да го реализираат во ансамбл. Недостига колективен пристап во
осмислување на мисијата и визијата за театарот во земјава. Оттука недостига
искрен, непристрасен јавен разговор, дискусија, дијалог… И се прашувам што ли
би се случило, она „заедништво“ кое владее кога треба нешто да се искритикува,
да постоеше во моментите за изнаоѓање на решенија за проблемите со кои се
соочуваме?