|

Бајруш Мјаку: Нашите театри се со празни џебови, затоа имаме главно камерни претстави

Промената во секоја работа треба да започне од секого од нас, така и во театарот. 58 издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе се реализира под мотото „Промени се, промени сè“. Поединците ги прават промените, затоа им се обраќаме на театарските уметници што направиле промени во театарската уметност низ годините, да се потсетат, но и да ни дадат поглед во иднината, како, според нив, да се менува и фестивалот.

Оваа серија интервјуа ќе ја отвориме со актерот Бајруш Мјаку, кој ја доби наградата за животно дело во 2019 година.

Колку, според Вас, сте го промениле театарот?

-Првата деценија, март 1973 – 1980 година, се обидував да си обезбедам простор на сцената, да ù се прилагодам на сцената и сцената – мене, со еден збор, да обезбедам иднина и благосостојба во театарот. Втората деценија (од 1980 до 1990 година), се годините кога се стекнав со самодоверба дека, да, мене актерството ми е пасија и дека треба да го продолжам животот на сцената, изведувајќи ликови што правеа да се чувствувам удобно на сцената, во театарот, во општеството, со улогите: Лени Смол во „Глувци и луѓе“ – Штајнбек, Трифун Трифуновски во „Големата вода“ – Чинго, Андреја Темлин во „Сауна“ – Руди Шелиго, Мате Потера во „ Хамлет од Долна Мрдуша“ – Иво Брешан, а особено успехот што го постигнавме на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, со претставата „Дожд во Уертемонто“ – Р. Шабани и оценката на стручното жири кога за изведбата на улогата на Пикон, ме прогласија за најдобар актер на фестивалот во 1985 година. Со истата претстава, Албанската драма на Театарот на народностите – Скопје, ќе биде поканета на официјалната програма на најголемиот фестивал на експериментален театар МЕСС – 1985 година, Сараево.

Третата деценија, 1990 – 2000 година, се години на верификација на уметничките вредности на албанската драма во Европа, со претставите: „Таинствени седенки“ – Никола Шоп, „Баал“ – Б. Брехт, Карло V-ти во „Сонцето заоѓа“ – Гелдероде, Лир во „Крал Лир“ – Шекспир, „Утре тргнуваме во рајот“ и „Коските што доцна доаѓаат“, двата текста на Теки Дервиши. Со овие претстави, сигурен сум дека јас, заедно со моите колеги од Албанската драма, квалитетот и нивото на албанската драма го преместивме на друго ниво, на исто ниво со најпопуларните театри на југословенскиот простор.

Четвртата деценија и половина од петтата деценија, годините 2000 – 2017 година кога се пензионирав.

По неколку вербални пресметки со директорот на Албанската драма и генералниот директор на Театарот на народностите, кругот ми се стесни толку, што решив да го напуштам театарот. Но, сепак, не, останав во театарот со многу малку и многу ретки ангажмани и поради овој факт дојде моментот на основање на независна продукција „Театарот на еден актер“, каде со финансиска поддршка од Министерството за култура, Холандската амбасада и Швајцарската фондација „Прохелветија“ ја реализирав монодрамата „Дневникот на лудиот“ – Гогољ со режисерот Иван Поповски. Со оваа претстава како да направив „кенгурски скок“. Претстава која си зазема свој живот во најголемите фестивали и културни центри во светот на театарот како што се: Најголемиот фестивал на експериментален театар во свет Каиро 2002 година, Краков – Полска во рамките на фондацијата „Прохелветија“, „Експонто“ – Љубљана, 5 презентации на „Дневникот…“ во театарот на П. Фоменко во Москва, Фестивалот на монодрама во Санкт Петербург, Русија, две презентации на „Дневникот…“ во Културниот центар на Македонија во Њујорк – САД, „Меѓународен театарски фестивал“ во Истанбул и успехот на оваа претстава беше запечатен со наградата за најдобар актер на фестивалот „Видлуња“ во Киев, Украина.

Потоа се редат успесите на продукцијата „Театарот на еден актер“, со претставите „Татко“ – Стринберг, „Вујко Вања“ – Чехов, „Пеер Гинт“ – Ибзен, трите претстави во режија на Слободан Унковски. Претставувањето со претставата „Татко“ во рамките на „Неделата на македонската култура“ во Москва и Санкт Петербург е приказна сама по себе и фактот што во такви случаи се испраќа најдоброто, најрепрезентативното и тоа се случи не со државна институција туку со независна продукција, што значи дека оваа продукција го подигна – смени размислувањето за театарот, а ако одиме понатаму во 2004 година на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, стручното жири за „Татко“, од 7 можни, додели 5 награди: најдобри претстава, режисер, актер, актерка и сценографија.

Следеше претставата „Одбраната на Сократ“ – Платон, со презентациите во Кишињев – Молдавија, на Фестивалот на политички театар во Стокхолм – Шведска, на фестивалот на камерна сцена, прв од ваков вид организиран во библиотеката на Александрија – Египет, до фестивалот на моноспектакл во Уланбатор – Монголија.

Следната претстава „Непријател на народот“ – Х. Ибзен, покрај многуте претставувања во регионот и наградата за најдобар актер на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, со оваа претстава учествував на „Ибсенијадата“, во Скиен, Норвешка, во родното место на Ибзен, како дел од конференцијата посветена на драматургијата на Ибзен, со учество на ибзенолози од целиот свет. Оваа претстава единствена поканета од организаторите на овој настан каде што темата беше „Јавен непријател .

Горенаведените претстави го докажуваат мојот раст како актер и секако и поместувањето на театарот на посакуваната висина.

Во оваа прилика сакам да го напоменам фактот дека со формирањето на мојата независна продукција „Театар на еден актер“ ја имав можноста во секој проект да ангажирам актери кои имаат страст за театарот, актери кои го носат театарот во себе, а не актери кои се сакаат себеси во театар.

Што треба фестивалот да направи за да ја направи промената?

-Мислам дека театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп треба да трае седум вечери, што значи избор на 7-те најдобри претстави од театрите што ги имаме. Осмата вечер да се покани претстава вон конкуренција, каде што по настапот ќе бидат доделени наградите. Од секој ансамбл што ќе учествува на фестивалот, да бидат поканети по двајца или тројца актери кои ќе присуствуваат на фестивалот и ќе земат активно учество во дискусиите – тркалезната маса, без да се занемарат и театарските познавачи кои се занимаваат и со театарска критика.

Што му фали на современиот македонски театар?

-Како прво, на театрите воопшто во Македонија им недостигаат пари, нашите театри се со празни џебови (сиромав театар) и додека Министерството за култура не го смени пристапот кон финансирањето на театрите, нема да имаме театар со висок уметнички квалитет, немаштијата си го прави своето… Поради празните џебови во нашите театри се случуваат само дуо драми или камерни претстави, со малку ликови, а во случај да ни се сервира претстава, да ја наречам спектакл, веднаш се забележува сиромаштијата во однос на сценографија и костимографија. Стојам на убедувањето дека во владината хиерархија Министерството за култура треба да го заземе вистинското место, да биде до МНР, МВР, Министерството за финансии, а никако да не биде „последно дупче од кавалот“.

Слични Објави