За фестивалот: Благој Мицевски
Ги паметиме и се потсетуваме на најнаградуваните во изминатите шест децении фестивал. Што е за нив МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и јубилејот 60 години? Им благодариме за одвоеното време и искрените мисли.
Благој Мицевски, коситимограф
-За мене фестивалот Војдан Чернодрински е и ќе биде национален фестивал каде се прикажува најдоброто од театарските продукции, а воедно и единствено место каде
нашата работа адекватно се валоризира и наградува. Во мојата 35-годишна кариера скоро и да не паметам година без мое учество со претстава во некој сегмент, официјална програма, офф програма, сценографии, костимографии, плакати, отворања на фестивалот, но и две самостојни изложби, исто така.
Од мојата прва награда во 1993 година до денес, добитник сум на 14 награди за 16 претстави што ме прави уметник со најголем број индивидуални награди во историјата на фестивалот и токму затоа тој го зазема и најзначајнето место во мојата лична кариера, но и колективно сеќавање на неизмерната радост од фестивалските дружења, разговори и идеи за идни соработки.
Со жалење деновиве сум сведок на пропаѓањето на театарската зграда, како и хотелот „Липа“ во Прилеп кои несебично нè собираа во таа театарска недела еднаш во годината, но и среќен дека фестивалот му пркоси на ова време и успева да преживее и да се пресоздаде, секогаш со нова идеја за подобар театар и подобро утре. После 60 години живот на истиот му посакувам некои нови генерации уметници да го препознаат како свое наследство, традиција и место каде што го работат ја добива својата смисла, а понекогаш и награда.
Честит јубилеј!
