Жири-комисија на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“

ЛИЛИЈА АБАЏИЕВА − театарска режисерка и педагог. Родена е во Софија, во 1966 година. Во 1998 година магистрирала режија на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ НАТФИЗ. Покрај работата како режисерка, Лилија Абаџиева е активна и во областа на театарската едукација како асистент на проф. Азарјан, со кого заедно водат класа по режија на НАТФИЗ. На бугарската театарска сцена режирала над 50 претстави, а нејзините претстави биле и дел од програмите на големи светски театарски фестивали во Италија, Русија, Германија, Полска, САД итн. Од 2010 година е дел од уметничкиот совет на Народниот театар „Иван Вазов“. Во театарската сезона 2016/2017 работи и во МНТ − Скопје и режира две од нејзините најдобри претстави: „Цимбелин“ и „Франкенштајн#Алхемија на животот“.
Меѓу нејзините постановки се издвојуваат: „Записи од подземјето“ од Достоевски, „Страдањата на младиот Вертер“ од Гете, „Отело“ од Шекспир, „Галеб“ од Чехов, „Ревизор“ од Гогољ и многу други. Нејзините режисерски постановки најмногу се темелат врз класичните драмски текстови и нивниот нов препрочит. Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои: Награда на Министерството за култура за придонес во развојот на бугарската култура, награда „Indy Award“ на независните критичари од „Индепендент“ и „Лос Анџелес тајмс“ за режијата на американската постановка на „Мерка за мерка“ од Шекспир, награда за најдобра претстава во целост и најдобра режија за руската постановка на „Ромео и Јулија“ (МХАТ, Москва) на Интернационалниот театарски фестивал во Каиро, како и награда за најдобра претстава и режија на Berliner Festspiele за „Страдањата на младиот Вертер“.

ИВАН МЕДЕНИЦА − театролог и универзитетски професор. Дипломирал во 1995 година на Факултетот за драмски уметности во Белград, а магистрирал на Катедрата за театрологија во 2002 година. Докторирал во 2006 година на тема „Актуализацијата и деконструкцијата како модели на режисерско толкување на драмските класици“. Од 2008 година е член на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација на театарски критичари (IATC), а во периодот од 2014 до 2022 година ја извршува функцијата директор на конференциите. Бил и претседател на националната секција на IATC – Здружението на театарски критичари и театролози на Србија.
Покрај научната и педагошката работа, Меденица активно се занимава и со театарска критика. Добитник е на „Стериина награда“ за најдобра театарска критика во 1999, 2001, 2004, 2008, 2011 и 2017 година, како и на наградата „Златно перо“ за најдобра критика за претстава од фестивалот БИТЕФ (2008). Автор е и на проектот „Критичарски карван“, чија цел е редовна критичка евалуација на театарската продукција во помалите средини. Во периодот од 2001 до 2012 година бил уредник на списанието „Театрон“, кое во текот на неговиот мандат добива престижна меѓународна награда од фестивалот „Стериино позорје“, Нови Сад. Од 2003 до 2007 година бил селектор и уметнички директор на „Стериино позорје“. Во октомври 2015 година е именуван за уметнички директор на БИТЕФ. Според изборот на домашните медиуми, 51. издание на фестивалот било оценето како најуспешно во последната деценија, а гостувањето на претставата „Олимп“ на Јан Фабр било прогласено за културен настан на годината. По тој повод, неделникот „Време“ го прогласува Иван Меденица за личност на годината во 2017 година. Истата година е избран за член на жирито кое ја доделува највисоката европска театарска награда „Premio Europa“, а Франција му го доделува високото одликување − Витез од редот на уметностите и книжевноста.

НЕЛА ОТАШЕВИЌ − продуцент. Веќе долги години ја извршува продуцентската функција за најважната театарска институција во Црна Гора − Црногорско народно позориште. Во текот на нејзиниот ангажман во националниот театар реализирала повеќе од 20 претстави на реномирани домашни, регионални и европски режисери, меѓу кои се вбројуваат: Дејан Пројковски, Егон Савин, Александар Морфов, Ивица Кунчевиќ, Јагош Марковиќ, Вито Тауфер, Вељко Миќуновиќ, Дино Мустафиќ, Ана Вукотиќ, Мирко Радоњиќ и многу други. Нејзините продукции се истакнуваат не само по уметничкиот квалитет, туку и по многубројните награди и признанија во различни категории. За исклучителните резултати во работата, Нела Оташевиќ е добитничка на три награди од Црногорско народно позориште, и тоа во 2016, 2021 и 2022 година. Покрај театарската продукција, значаен дел од нејзината кариера опфаќа реализацијата на програми и проекти во современите културни и медиумски области, со што дополнително придонесува за развојот и промоцијата на уметничката сцена.