Учество на пичинг форумот „Драмолетање“
ОДЛУКА НА СТРУЧНАТА КОМИСИЈА за избор на драмски текстови за учество на пичинг-форумот „Драмолетање“
во рамките на МТФ „Војдан Чернодрински“ − Прилеп 2025
Ние, членовите на стручната комисија составена од м-р Петар Антевски (продуцент), м-р Шенај Мандак (режисерка) и Ангела Стојановска (актерка), по внимателно разгледување на вкупно 14 пристигнати драмски текстови кои ги исполнуваат сите критериуми и ги имаат поднесено задолжителните документи, донесуваме заедничка одлука да селектираме четири драмски текста за учество на пичинг-форумот „Драмолетање“, кој ќе се одржи во рамките на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ 2025.
СЕЛЕКТИРАНИ ТЕКСТОВИ:
(наведени по азбучен редослед на насловите)
- „Голи души“ – автор: Иван Додовски
- „Ложа“ – автор: Марио Стојаноски
- „Хитлер е жив“ – автор: Ева Камчевска
- „Чудесен лек“ – автор: Коста Бојчески
Комисијата ги поздравува разновидноста и креативноста на сите пристигнати пријави и ја изразува својата благодарност за интересот и трудот на авторите кои го препознаа значењето на платформата „Драмолетање“. При процесот на селекција, комисијата работеше врз основа на три јасно дефинирани критериуми:
1. Оригиналност
Се вреднуваа текстови со нови и уникатни драмски дејства, оригинален драмски јазик и возбудлив, жив дијалог. Комисијата беше свесна дека дел од темите може да бидат универзални или веќе обработени во театарот, но посебно внимание посвети на иновативниот пристап и креативната интерпретација на тие теми.
2. Релевантност
Се преферираа драмски дела што третираат современи теми од секојдневието – меѓучовечки односи, системски судири, технологија, социјална неправда – со јасна вкоренетост во македонскиот контекст (географски, економски, политички, културен). Одредувањето на релевантноста беше и субјективен процес, базиран на вредносните уверувања на комисијата како млади театарски професионалци кои сакаат да предложат дела што сметаат дека му се неопходни на македонскиот театар денес.
3. Продукциска вредност
Се оценуваше дали драмското дело има потенцијал за сценска реализација, дали носи свежина во театарскиот пејзаж и дали може да се адаптира во различни продукциски и просторно-театарски контексти – од институционални сцени до алтернативни простори.
ЗА ДРАМСКИТЕ ТЕКСТОВИ ШТО НЕ БЕА СЕЛЕКТИРАНИ:
Во однос на текстовите што не беа селектирани, комисијата упатува искрена поддршка и препорака за нивна понатамошна разработка. Во многу случаи се препознава авторска интуиција и амбиција, но текстовите покажуваат драматуршки недостатоци кои го попречуваат нивниот целосен потенцијал. Најчесто беа присутни следните слабости:
- Недоразвиено драмско дејство и отсуство на јасна наративна динамика;
- Слаба или недоволно дефинирана карактеризација, каде што ликовите остануваат површни, недефинирани или недоволно мотивирани;
- Недостиг на идеолошки или емоционални конфликти помеѓу ликовите што доведува до рамно и неангажирано дејство, а кои би овозможиле длабочина и драмска напнатост;
- Неконкретизиран или непоследователен јазик на делото, што влијае врз неговата драмска ефективност и сценска транспарентност;
- Недостиг на јасна драмска структура и заплет, што го прави делото повеќе описно отколку драмски функционално.
Комисијата верува дека овие текстови имаат потенцијал за унапредување, особено доколку се работат во соработка со драматурзи, ментори или преку развојни програми и работилници.
Со оваа одлука, комисијата го затвора процесот на селекција за пичинг-форумот „Драмолетање“ 2025 и уште еднаш ја изразува својата почит и благодарност до сите автори што со своето дело придонесоа за мисијата на оваа платформа: подем на современата македонска драма.
12.5.2025
Членови на стручната комисија:
м-р Петар Антевски (претседател)
м-р Шенај Мандак
Ангела Стојановска