„Театарот е за соочување со предизвиците кои се закана за цивилизацијата“ – Интервју со Владимир Милчин

 Театарот е неопходен за да се соочиме со предизвиците кои се закануваат да ѝ стават крај на цивилизацијата, вели театарскиот режисер Владимир Милчин, еден од двајцата добитници на Наградата за животно дело, доделена на отворањето на годинашново 54 издание на МТФ „Војдан Чернодрински “. Во интервјуто со Милчин, лауреатот зборува за неговиот ангажиран, за  пристапот спрема театарот, во контекст на актуелната стварност, за омилениот жанр – гротеската, за бунтовништвото и за иновативноста од 60-ите до 80-ите години на 20 век, кога важеше за театарска авангарда- термин за кој смета дека е претенциозен и се разбира, за наградата за животно дело што ја доби од МТФ „ Војдан Чернодрински“, за која вели дека не е крај на вреднувањето на неговата уметничка дејност, зашто таа продолжува.

Б: Честитки за наградата за животно дело, со која се закитивте на годинашново издание на МТФ „Војдан Чернодрински“! Каде е нејзиното место во Вашето срце, покрај веќе освоените 7 награди за најдобра режија на овој фестивал, започнувајќи од претставата „Обесеник“ , во 1979 година, па до „ Дервишот и смртта“, во 2004 година?

В.М:  Првата награда за режија ја добив за „Обесеник“ и за „Хасанагиница“, две жанровски и стилски различни претстави кои говореа за задушувањето на слободата на индивидуата. Наградата за животно дело ми значи многу, но јас не ја сфаќам како крај на мојата посветеност на театарот. И денес театарот, како и уметноста воопшто, ни е неопходен да се соочиме со предизвиците кои се закануваат да ѝ стават крај на цивилизацијата.

Б: Бевте еден од знаменосците на македонската театарска авангарда. Започнувајќи од работата во „Не-Театар Кактус“, во втората половина на 60-ите години, преку „Театарот кај Св. Никита Голтарот“ и Театарската работилница на Филозофскиот факултет, во 70-ите и  во 80-ите години на минатиот век. Како, од денешна дистанца, гледате на тие времиња и дали е возможна нова театарска авангарда, денес?

 В.М.: Повеќе го сакам зборот алтернатива. Звучи помалку претенциозно. Алтернативата не само што е возможна, таа е неопходна зашто е простор на предизвици, надминување на инерцијата и рутината. Тие години на алтернативата ми значат многу. Години на вриеж, на бунт и на утописка надеж. „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“ беше геслото на шеесеттите, седумдесеттите и на осумдесеттите години на минатиот век. Малку е познато дека првата инсценација на Орвеловата  „Животинска фарма“ се случи во Скопје, во изведба на Театарската работилница ФФ, под наслов „Како Животинската фарма од Џорџ Орвел ќе ја одиграше трупата Сини блузи“. Неколку години подоцна, драматизацијата на орвеловиот роман ја изведе лондонскиот Национален театар. Новите времиња бараат нови одговори.  Еден од одговорите е Артопија.

Б: Важите за исклучително сензитивен режисер, кој преку театарот реагира и ги коментира невралгичните состојби од нашата стварност. Без директен нагласок на дневната политика, но секогаш со ангажиран уметнички пристап кон секојдневието. Иако, како режисер, сте се произнесле низ различните жанрови, се стекнува впечаток дека гротеската-фантазмагоријата, е жанрот во кој најчесто давате свој поглед на стварноста во која живееме.  Зошто?

В.М.: Гротеската е повеќе од жанр, таа е стил кој е симбиоза на трагичното и комичното. Тешка, но моќна. Како да се движиш по острицата на ножот. Гротеската не е редење: малку трагично, малку комично, таа мора да биде органична. Во гротеската комичното предизвикува солзи, трагичното предизвикува смеа. Таа е дворскиот шут кој ја кажува вистината без да ги сожалува кралот, дворјаните и слугите. И без да се сожалува себеси. Како Шутот во Шекспировиот „Крал Лир“.

Б: Гледате ли светло на крајот од тунелот, чиј предвесник беше спречувањето да биде изведена Вашата претстава „Свети Сава“, во продукција на НТ „Зеница“, во ЈДП-Белград, на 31 мај 1990? За национализмот и фашизмот проговоривте во „Демони“, поставена во МНТ, во „Коските што доаѓаат доцна“, во продукција на Албанскиот театар од Скопје, а особено низ претставите во Театарот за деца и младинци „Заспаниот разум раѓа чудовишта“ и „Нашиот клас“, кои беа референтни точки во борбата против бившиот режим. Но, излезе дека мора да се постави  и „Ужегнатост“, со алтернативата група Артопија,  за да се испрати уште една порака!

В.М.: Властодршците не сакаат да слушаат пораки кои ќе ги потсетуваат на неисполнетите ветувања, но тоа не нè ослободува од обврската да ги потсетуваме дека не сме заборавиле што ни ветиле пред да седнат во фотелјите. Историјата нè учи дека Револуциите најчесто завршуваат со реставрација на режимите кои со својата неправедност ги предизвикале. Неколку ремек-дела во светската драматургија говорат за тоа. Едно од нив е „Аждер“ од Евгениј Шварц што го поставив есента 2018 година во Битола. Паметењето е проклетство. Ме потсетува дека живеам во свет во кој веќе сум живеел и сум се надевал дека ќе доживеам нов и поубав, поправеден свет. И надежта е проклетство. Без неа не се може, но честопати нејзиното друго име е илузија.

Б: Бевте ментор на многу генерации студенти на отсекот  за драмски актери во Вишата музичка школа и подоцна на ФДУ. Од студентите баравте исклучителна посветеност. Се чини дека таа вредност изумира кај нас, денес, и тоа не само во театарот. Каде ќе нè одведе тоа, ако не се промениме?

В.М.: Се посветив на школувањето актери зашто работата со актерите ја сметам за срцевина на режијата. Го научив тоа од мојот професор по режија Хуго Клајн. Великаните на рускиот театар имале свои студија во кои ги школувале идните актери. Од Станиславски до Мејерхољд и Вахтангов. Да, кај нас исчезнува посветеноста на професијата. Веројатно зашто има полесни начини да се заработат пари. Но сè уште има исклучоци. И во театарот. И сè дури има исклучоци има и надеж.

Б: Колку амбиентот во кој живееме денес, Ве мотивира да продолжите да режирате со тој бунтовнички дух од младоста?

В.М.: Во театрите во Битола и во Велес се играат две мои нови претстави: „Аждер“ и „Злосторството на 21 век“, работени според драмските текстови на Евгениј Шварц и Едвард Бонд, автори без кои не може да се разбере што се надвиснало над нас денес. Не смееме да потклекнеме, не смееме да капитулираме. Да, поразите нè болат и демотивираат, но нашата болка не е ексклузивна. Не сме ние единствените на светот кои живеат далеку од пристојноста, правдата и слободата. Она што не смееме да го заборавиме е тоа дека сите сме помалку или повеќе соучесници во убивањето на надежта. Омразата кон другите само ни ги труе душите.

Сотир Трајков
Фото: Оливер Ангелески