Со концерт на Влатко Стефановски и изведба на „Макбет“ се крена завесата на 54. МТФ„Војдан Чернодрински“

Овации за годинешните лауреати на наградите за животно дело, режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку, овации за одржаниот концерт на виртуозот на гитара Влатко Стефановски и за изведбата на „Макбет“ од Шекспир, во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на Македонскиот народен театар (МНТ) – Скопје.

Вака ќе остане запаметен првиот фестивалски ден од годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“ што до15 јуни ќе се случува во Прилеп.

Двајцата лауреати се заблагодарија за наградите и се присетија на нивните настапи овде на фестивалот, на деновите полни со креативност во театарот во градот домаќин.

„Прилеп е град на мајтап,а за малку ќе ме расплачеше.  Глупаво е да потсетам дека Прилеп бил град на моето детство. Бос го имам шетано по браздите, на Селечка, на Маркукуле и така натаму. Го памтам Прилеп како што веројатно повеќето овде во салата не го паметат и секогаш кога ќе дојдам во Прилеп сум посебно возбуден. Тоа се случуваше и подоцна кога доаѓав да правам претстави. И се надевам дека уште еднаш барем, ќе се видиме во театарот“, рече режисерот Милчин, заблагодарувајќи ѝ се на публиката, на своите некогашни сограѓани.

„Во осумдесетата години имав среќа кај мој пријател да сретнам една стара баба, која го славеше 103 –от  роденден. Ја прашав дали се многу 100 години живот. Таа ме погледна, се насмевна и рече:’Да, влези преку врата, излези преку прозор’. Тогаш ми беше чуден нејзиниот одговор, оти си мислев дека 100 години се многу. Но, сега, кога мислам каде ми поминаа овие 45 години на сцена, колку пати сме играле на оваа сцена, колку пати сме биле наградени, можеме сите да заборавиме. Само јас, драга публико, нема да го заборавам вашиот искрен аплауз што секогаш сум го добивал од вас“, рече актерот Мјаку.

Уметничката директорка на фестивалот, Катарина Коцевска од штиците што живот значат им се заблагодари на сите театарски уметници кои што заминаа последнава година, а публиката простум и со овации им оддаде почит и признание за влогот во македонскиот театар и уметност.

„Во годинава што измина, земната сцена ја напуштија великани кои ја воздигнаа македонската култура и оставија траен белег во нашите срца и во нашата меморија. Без траур, но со благодарност и радост што беа дел од нашите животи, што ни дадоа толку многу и без кои театарот немаше да ги достигне своите највисоки врвови: Славко Нинов, Мушареф Лозана, Салаетин Билал, Мите Грозданов, Ванчо Петрушевски, Љупка Џундева, Златко Славенски, Љубиша Георгиевски, Билјана Беличанец, Горан Стефановски. Им благодариме.“, се заблагодари Коцевска.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски во својот поздравен говор на ова фестивалско издание ја најави годинешната новина, награда од публиката, статуетка во форма на раце што аплаудираат. Оваа награда за најдобрите ја обезбедува Општина Прилеп.

„Време е да се препуштиме на магијата на театарската уметност, да си дозволиме уживање со естетиката на говорот, движењата, актерската игра, колоритот на костимографијата, сценографијата, координирани со режисерските палки на годинешните избрани уметници – режисери и театри кои го чинат лицето на овој Фестивал.Во храмот на Талија ќе уживаме 8 вечери, ќе ги впиваме смелите и храбри пораки на драматурзите, сценаристите, изговорени од извонредните актери – мајстори на овој занает, којшто ги обзема сетилата, но во исто време е рефлексија на актуелниот општествен миг“, порача градоначалникот Јованоски.

Тој им посака креативна, творечка енергија на театарските ансамбли, а на публиката незаборавни фестивалски мигови.

Фестивалот го прогласи за отворен заменик министерот Владимир Лазовски.

„Прилеп по 54.пат е нашата најголема театарска арена, од каде врвните македонски уметници ги испраќаат своите пораки кои со илјадници години наназад, докажуваат дека се едни од најсилните корективи на актуелните општествени случувања. Во, само за Прилеп, автентичната фестивалска атмосфера, професионалните продукции ги претставуваат своите најнови претстави, се натпреваруваат пред стручното жири и критиката, но и пред публиката, најбројното жири со истанчен вкус, но и со најискрена љубов кон театарџиите. Со длабока почит им ги честитал наградите на годинешните лауреати. Со искрена желба за уште едно успешно издание, го прогласувам македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински за отворен“. Ова е наше време, време за театар“, рече заменик министерот Лазовски.

Публиката уживаше во концертот на виртуозот на гитара Влатко Стефановски, и со внимание ја следеше претставата „Макбет“ од Шекспир,во режија на Нела Витошевиќ и изведба на ансамблот на МНТ- Скопје.

Моника Талеска
Фото: Оливер Ангелески