За Бајруш Мјаку – Добитник на наградата за животно дело

Вистинскиот род на уметниците, оние кои ги носат на своите плеќи вистинските уметнички вредности и кои тие вредности ги подигаат сè повисоко, обогатувајќи ја на тој начин ризницата на една нација, лесно ги препознаваме затоа што ги имаат познатите карактеристики и затоа што имаат познат амблем кој ги прави да се поинакви од уметничкиот калабалак во кој, во принцип, има место за сите. Нив ги издвојува леснотијата со која го градат своето уметничко дело, ги прави посебни уметничката дијадема која, впрочем, им стои и на секој друг дел од нивната индивидуална целина, како и посветеноста кон сопствената уметничка професија. Уметничкото царство на Бајруш Мјаку е богато, има богата ризница, се простира од класичните улоги на светските автори па до оние од нашата национална современа драматургија. Посебното на актерското царство и во биографијата на Бајруш Мјаку е дека тој нема улоги кои можеш да ги издвоиш и да ги наречеш негово врвно остварување. Можеби тој не дозволува улогата да му ја определи уметничката судбина затоа што самиот им ја определува славата на улогите што ги толкува. Затоа, можеби, и ти се чини дека театарските улоги се тие на кои Бајруш им се прилагодува, но имаш и чувство дека сите улоги кои тој ги толкувал му се прилагодени нему. Ова чувство доаѓа затоа што Бајруш речиси не глуми: тој ја игра судбината определена на роден актер кој, како таков, се игра себеси во една професија што има потреба од него исто толку колку што тој самиот од театарот. Нема сомнение дека Бајруш Мјаку е голем актер кој со своето уметничко ангажирање докажува дека уметничката големина се постигнува само тогаш кога не се изморуваш барајќи, кога не ти недостасува сомнежот до каде си стигнал, кога чекориш напред обземен од љубопитноста да го откриеш она што се затскрива зад улогите што си ги толкувал. Се разбира, Бајруш Мјаку е актер кој чекори сè повисоко и сè подалеку, поттикнат од убедувањето дека за да ја постигнеш сонуваната цел, треба да му се потчиниш на убедувањето дека таа цел секогаш ти бега, дека после секоја идна улога таа ти се оддалечува еден чекор подалеку, дека уметничкото богатство не го сочинува постигнувањето на целта туку чекорењето кон неа. Ако немате среќа да го сретнете Бајруш Мјаку поинаку од само на сцената на театарот, на некоја театарска претстава каде тој го игра другиот со своето лице, ќе забележите и нешто зачудувачко: леснотијата со која тој може да стане некој друг. Леснотија е особина само на големите актери кои имаат свој јасен уметнички профил и таа им овозможува во секоја улога да изгледаат како да се тие самите. Но, кога го гледате Бајруш на сцена, бидете внимателни: тој не е од оние актери кои не можат без театарот – тој е актер без кој театарот не може да преживее. Досегашната дејност на Бајруш Мјаку објаснува и една посебност која ги карактеризира големите актери: тие самите ги определуваат границите на својот уметнички свет, самите ја одбележуваат топографијата на нивната уметничка карта која станува сè поголема и ги надминува граничните црти на етничката уметност на која припаѓаат, и секогаш, за да се остварат себеси, им недостасува простор. Токму таквиот Бајруш Мјаку поодамна ги надминал границите на нашиот национален театар и станал сопственост на сцените кои не се зборува албански. Или на сцените каде што тој зборува албански, а другите го читаат неговото толкување на нивниот мајчин јазик. Играл и во претстави по разни театарски центри на други држави. Со својата глума ја восхитувал и публиката на многу европски центри како и на оние од овој Балкан, каде што имало и такви кои поради политички причини не го сакале, но немало театарски критичари кои не признале дека Бајруш е актер кој му недостасува на секој театар во овие простори.

Меѓутоа, нема сомнение дека уметноста ја сочинуваат многу категории на актери без кои таа не може да опстане. Но, исто така, нема сомнение дека портретите на големите уметници имаат препознатливи карактеристики кои ги чинат да бидат меѓу себе слични. И нивната сличност оди до таму само да видиш дека личат на себе. Или, колку ти се чини дека можеш да ги споредиш со некого, колку ти се чини сличен со некој друг голем уметник, по секоја следна улога тој ти личи на некој друг, на крајот сфаќаш дека ти изгледа таков бидејќи е неспоредлив, иако сите други можеш да ги споредиш со него, и да кажеш: во својата уметничка индивидуалност ги содржи сите карактеристики кои треба да ги има еден комплетен актер.

Затоа, тој ги има сите врвни актерски вредности и со тоа може да наликува на Бајруш Мјаку.

Ким Мехмети
Извадок од книгата „Дневникот на дневникот на лудиот“ од Бајруш Мјаку